Учесници и професори на Летната школа на ФЛУ во Лазарополе

Летната школа на ФЛУ во Лазарополе беше со фокус кон фотографијата како платформа за конципирање уметничко дело

Проектот „New art for(u)m“ е замислен и воспоставен како традиционална летна школа организирана од Факултетот за ликовни уметности при УКИМ – Скопје. Основната цел на школата е лоцирање и истражување низ алтернативни уметнички практики и дискурзивен интердисциплинарен контекст различен од традиционалните ателјерски уметнички практики и протоколи.

Третата сесија на школата се одржа во период од 20 до 27 јуни во Лазарополе, Општина Маврово Ростуше, под наслов „Мултипликација на пејзажот“. Оваа година школата има меѓународен карактер со оглед на тоа што покрај студентите од Факултетот за ликовни уметности гостуваа и колеги студенти од Академија „Фонтис“ (Fontys) од Тилбург.

Третата сесија од школата се осврна кон фотографијата како платформа за креативно конципирање и интерпретација на интердисциплинарно уметничко дело. Одржувањето во рурална планинска средина е во согласност со потребите на Летната школа, која има за цел опсервирање на пејзажот и негово „пренесување“ преку фотографијата.

Пејзажот е еден од првите фотографски жанрови и низ историјата бил најразлично третиран, најчесто пејзажните фотографии биле „разубавувани“ со цел да се воздигне природата и да се потенцираат убавините на една држава. Во оваа прилика пејзажната фотографија ќе се третира како документарна фотографија, фотографија како дел од покомплексно уметничко дело или фотографија како основа за настанување на мултимедиумско дело.

Поради тоа што живееме во едно т.н. постиндустриско време исполнето со остатоци од најразлични индустриски објекти коишто на некој начин го загадуваат „чистиот“ пејзаж, учесниците имаа можност да направат дела со кои ќе се подигне еколошката свест кај населението. Дела што критички ќе говорат за она што ѝ се случува на природата.

За време на школата учесниците ќе ги изберат и обработат фотографиите коишто ќе бидат изложени на изложба во период ноември – декември во Галеријата на ФЛУ во Скопје. Школата е поддржана од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Министерството за култура и туризам и „Јуроп хаус Скопје“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 287, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 28-29.6.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот