Клиника за радиотерапија и онкологија / Фото: Слободен печат, Драган Митрески

Лековите за спас на Онкологија се плаќаат двапати: Еднаш од државниот буџет, еднаш од приватниот џеб на болните од канцер!

Уште во 2012 година фармацевтскиот гигант „Рош“ објави дека за жените што имаат рак на јајниците, нивниот лек „Авастин“, во комбинација со стандардна хемотерапија – ја намалува резистенцијата на организмот кон хемотерапијата. Ризикот од прогресија на канцерот бил намален за 52 проценти за жените кои примале Авастин во комбинација со хемотерапија, во споредба со оние кои примале само хемотерапија. Оваа информација е јавно достапна за сите граѓани во Македонија.

Клиниката за радиотерапија и онкологија во Скопје го знаела ова. Затоа, на пациентка која редовно плаќала здравствено осигурување, а која имала карцином на јајниците, ѝ ја препишале оваа терапија, која сметано од јули 2021 година, редовно на секои три недели пациентката ја примала на Онкологија.

Жената примила 14 циклуси на таргет терапијата „Авастин“ од 1150 милиграми. За окончување на лекувањето, потребни биле 16 циклуси со овааа терапија. Но, кога дошла да ја прими петнаесеттата терапија, кажано ѝ било дека лекот го нема поради тоа што тендерот за набавка на овој лек бил исцрпен, а на Клиниката повеќе го нема.

Лекот „Авастин“ жената морала да си го купи самата, а потоа на суд да се „влече“ со Министерството за здравство кое одбивало да ѝ ги рефундира парите. Всушност, никој од Министерството за здравство не се ни појавил на рочиштето каде биле уредно поканети, па адвокатката на пациентката таму била единствената што дискутирала за случајот, кој иако поединечен, отвора бројни прашања за функционирањето на самата Клиника за онкологија:

Зошто таму снемува хемотерапии и биолошки терапии кои би морало да ги има? Зошто на пациентите им се кажува да ги набавуваат овие скапи лекови од свој џеб, наместо да ги покрие тендерот? Дали снемува лекови за пациентите на половина третман, затоа што се крадат?

„Потенцирам дека овој лек бил неопходен за лекување на малигна болест оваријален карцином и била обавезна таргет терапија. Тужителката на Клиниката редовно ја примала оваа терапија 14 циклуси на товар на Фондот. Кога отишла на последната терапија да ја прими, ѝ било кажано дека овој лек го нема на Клиниката и докторот рекол дека треба да се прими терапијата. Затоа тужителката го набавила лекот од приватни средства. Без разлика што лекот не е на листа, тој е обавезен и се работи за неопходен лек, за спасување човечки живот. Не може да биде виновен пациентот што Клиниката не го набавила овој лек ниту кажала дека постои замена, а односите меѓу Клиниката и Фондот не треба да влијаат на пациентите пред се поради заштита на нивното здравје“, изјавила во судница адвокатката Ивана Гелев Трајковска.

По наоѓање на судот со немањето на лекот на клиниката на пациентката ѝ било ускратено правото на лекување на товар на Фондот како осигуреник, а кое право го има според Уставот. Фактот дека Клиниката за онкологија не го набавила благовремено лекот не може да биде вина на тужителот.
На Фондот не му успеал обидот да не ѝ го рефундира лекот на пациентката, но за тоа бил потребен суд. А кога се работи за онколошки пациенти, колкумина од нив не дочекале да тужат откако лекот не им бил даден?

Трговија со здравје: Дали крадењето цитостатици на Онкологија открива мегамрежа за препродавање?

Случајот со пациентката со карцином на јајниците не е единствениот во судските ходници, каде пациентите си ги бараат парите за хемотерапии што наместо државата, ги платиле сами.
Втората пациентка за која имаме документација, боледувала од малигна неоплазма на дојка и на товар на фондот повеќе пати на Онкологија ѝ бил аплициран лекот Фулфестрант.

Тоа било така, се додека не го снемало лекот на Онкологија. Едно пакување било 26.785 денари. Пациентката го купувала од сопствен џеб.

„Со оглед на дијагностицираната болест, морала да го аплицира лекот „Фулфестрант“, што е видливо и од доставениот извештај од специјалист доктор Иљоска Марина. Аплицираниот лек бил во бил во недостиг на Универзитетска клиника за радиологија и онкологија и морала сама да го набави за што добила Конзилијарно мислење“, пишува во пресудата од 8 јуни 2022.

Другите судски предмети кои ги анализираше „Слободен печат“ укажуваат на случаи каде за три ампули пациенти со канцер платиле од сопствен џеб 100 илјади денари, зашто на Онкологија иако би морало да ги има – ги немало. Против тројца вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија, во суд се наоѓа и предмет за несовесно работење во службата и несовесно лекување болни. Судска пресуда уште нема, но во случајот пациент починал, зашто со месеци немало терапија од тендерот.

Вулнерабилноста на пациентите со карцином е профит за дел од вработените на Клиниката за радиотерапија и онкологија. Лукративноста е потврдена на дело, со фактот што двапати една иста медицинска сестра беше затекната како краде цитостатици. „Таксол“, „Доцетаксел“, „Флуорацил“, „Доксорубицин“, „Епирубицин“, „Ендоксан“, „Зомета“, сите овие хемотерапии и биолошки терапии, после кражбата и спроведениот попис беа во дефицит односно во помали количества на Онкологија, отколку што би требало.

Првиот пат медицинската сестра крадеше во 2020 година, а вториот пат во 2023 година. Судска пресуда нема за ниту еден од овие случаи. Кај неа полицијата најде 20 ампули различни цитостатици. За каде биле цитостатиците? Кај кого требало да завршат овие лекови?

„До овој момент не е извршен распит на осомничената. Надлежните јавни обвинители немаат информации дека пријавената е недостапна на органите на прогонот“, изјавија од Основното Јавно Обвинителство за „Слободен печат“.

Нашите информации, како што објавивме уште пред две недели, се дека сестрата се исели во Германија.

 Обвинителство и финансиска полиција што сакаат да видат криминал, не е лошо да почнат да читаат ревизорски извештаи

 

После 10 години, Државниот ревизор минатата 2022 година, влезе на Клиниката за онкологија да изврши ревизија. Ревизорите се затворија во просторија и проверуваа чудни дојави. На досиеја на починати пациенти од 2014 година, кои не беа затворени – се раздолжувале лекови години подоцна и тоа за различен тип канцер.

Како може Клиниката за онкологија да не затвори досие на починат човек во 2014 година и во него да води друг пациент?!

Констатирани се слабости во планирањето, реализацијата и контролата на условниот надоместок за набавка на биолошка терапија и отсуство на медицински протоколи со кои ќе се воспостават правила и ќе се утврдат критериуми за приклучување на пациентите на биолошка терапија.

Во период кога уште не е склучен договор од страна на Министерството, набавувани се лекови на реверс во износ од три милиони 972 илјади денари. Дел од вработените се распоредени на работни места кои не се предвидени со правилникот за систематизација на работните места.

За дел од вработените определени се коефициенти и додатоци на плата кои не се утврдени во поединечниот колективен договор на Клиниката.

Законот за здравствено осигурување како основни здравствени услуги ги дефинира и лековите што не се на листата на лекови утврдена од страна на Фондот, а кои ЈЗУ имаат право да ги набавуваат по претходна согласност од Министерствот ои од Фондот за здравство, во која е утврдена поединечната цена на секој лек. Имајќи предвид дека листата на лекови не е ажурирана од 2015 година а во меѓувреме на пазарот се достапни нови генерации на лекови за третман на определени онколошки заболувања, Клиниката ја користела можноста во рамки на годишниот договорен надоместок да вклучи и условен надоместок за набавка на овој вид лекови, кои се нарекуваат биолошка терапија при што во 2021 година во два наврати се доставени барања до фондот. Фондот за биолошка терапија одобрил буџет за условен надоместок од 481 милион 589 илјади денари.

Ревизорот извршил анализа за начинот на избор на видот и обемот на лекови за кои е одобрен условниот буџет, нивната набавка и аплицирање на терапијата на пациентите.

Фондот го одобрува условниот буџет врз основа на доставен план за специфичен вид и обем на здравствени услуги, во кој помеѓу другото се наведуваат податоци за типот на лекот, потребните количини и вкупниот износ за набавка на истите. Констатиравме дека планот на Клиниката не е резултат на доставени предлози од страна на стручниот колегиум, од причина што истиот не бил функционален во 2021 година и е изготвен единствено врз основа на историски податоци за потрошените количини на лекови. Оваа состојба остава ризик од селективно и субјективно определување на лекови за кои се одобрува условниот буџет, кое не е поткрепено со стручна наализа и предлози и не е во согласност со член 112 од Законот за здравствена заштита.

Во клиниката не се донесени медицински протоколи кои ќе воспостават правила и со кои ќе се утврдат критериуми кои треба да ги исполнува пациентот за да прима биолошка терапија, ниту пак во оваа насока се носеле одлуки. Имено, во 2021 година, докторите одлучувале кои пациенти ќе примат биолошка терапија, за што одобрение давал медицинскиот директор, без да се земе предвид дали Клиниката располага со доволно количини лекови за покривање на потребите на сите пациенти на кои им била препишана терапијата.

„Констатиравме дека постои можност од препишување лекови во количини оки клиниката ги нема обезбедено и за кои не се одобрени буџетски средства. Наведеното создава ризик биолошката терапија да не е еднакво достапна за секој пациент на кого му е препишана и не е во согласност со член 8 и 112 од Законот за здравствена заштита“, наведе ревизорот во скандалозните наоди.

Постапката за набавка на биолошката терапија во име и за сметка на Клиниката, ја има спроведено Министерството за здравство при што со фирмите добавувачи склучила рамковна спогодба, врз основа на која Клиниката склучила поединечни договори за јавна набавка. Согласно склучените договори во 2021 година, Клиниката преземала обврски во износ од 835 милиони 456 илјади денари за што добила согласност од Министерството, ама не и од Фондот за здравство што не е во согласност со членот 9 од Законот за здравствено осигурурвање.

„Дополнително, износот на преземени обврски за набавка на биолошката терапија изнесува 173 проценти од износот на одобрениот условен надоместок од страна на Фондот, поради што преземени се обврски во износ повисок за 353 милиони 867 илјади денари од износот на одобрените буџетски средства, што не е во согласност со член 7 став 2 од Законот за буџетите“, констатира Ревизорот.

Дополнително, во 2021 година набавувана е биолошка терапија во период кога постапката за јавна набавка уште не била спроведена од Министерството, во износ од 294 милиони 163 илјади денари. Имајки предвид дека поголемиот дел од биолошката терапија само еден економски оператор има ексклузивно право за нивна продажба, истата е набавувана на реверс, а фактурите се доставени до клиниката по склучувањето на договорите за јанви набавки.

„Констатиравме дека воспоставениот начин на набавка влијае на почитувањето на начелото на конкуренција што не е во согласност со членот 5 од Законот за јавни набавки. Горенаведените состојби укажуваат на слабости во планирањето, реализацијата и контролата на условниот надоместок, законитоста во постапувањето и влијаат на остварувањето на неговата цел“, се вели во ревизорскиот извештај.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот