
Лекарска комора бара итно да се расветли убиството на матичниот лекар
Лекарската комора остро го осудува убиството на доктор што се случи синоќа во скопската населба Железара, што предизвика силна вознемиреност кај докторската фела.
Препорачано
Истакнуваме дека никаков вид на насилство во општеството не смее да се толерира, бидејќи насилството не е соодветен начин на кој се решаваат проблемите. Истакнуваме јавно барање надлежните институции итно да постапат за овој случај и да ги преземат сите неопходни мерки за да ги утврдат околностите во кои се случил настанот и соодветно на тоа да го пронајдат сторителот и да го санкционираат. Загубата на човечки живот секогаш е тешка, но трагедијата е многу поголема кога тоа е направано на насилен начин. Загубата на доктор е и загуба за целиот здравствен систем. Лекарската комора изразува длабоко сочувство до семејството и блиските и останува будно да го следи развојот на настаните и соодветно да реагира, велат оттаму.
Управниот одбор на Здружението на приватните матични лекари пак, одлучи во понеделник, 25 март 2024 година, целото приватно здравство да не работи од 12 до 16 часот.
Почитувани колеги, вчера е убиен наш колега матичен доктор Ацо Трповски на брутален начин. До сега ниеден министер не го донесе Законот за доктори и нивна заштита. Во знак на револт и во знак на почит кон колегата Управниот одбор на ЗПЛРМ одлучи цело приватно здравство да не работи на ден 25.03.24 од 12 до 16 часот. Ве молам да се почитува Одлуката на Управниот одбор на ЗПЛРМ. Да се почитуваме ние за да не почитуваат и институциите, напишала претседателката на ЗПЛРМ, доктор Лилија Чолакова Дервишова во известувањето до матичните лекари.
Матичниот лекар Ацо Трповски синоќа во 23 часот бил пронајден без знаци на живот, со убодни рани по телото, во неговиот автомобил паркиран на паркинг во непосредна близина на поликлиниката Железара. Станува збор за лекар кој имал приватна ординација и е на 67 годишна возраст.
Од МВР за „Слободен печат“ потврдуваат дека тој бил пронајден од неговите синови кои почнале да го бараат откако не се вратил дома од работа. Лекар од итната помош констатирал смрт а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот е дадено на обдукција. Истражните органи преземаат мерки за расчистување на случајот. Во околината има безбедносни камери. Снимките се земени од полицијата по наредба на обвинител и треба да го откријат сторителот. Мотивите се непознати.
Убиен матичниот лекар Ацо Трповски, пронајден во неговиот автомобил