
Лекарите се готват за протест: Платите им се во „хакерско заложништво“, а ветените покачувања од 3.000 денари – неостварен сон
Се вжешти телефонот во Синдикатот на Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Незадоволни лекари и медицински сестри бараат одговори на прашањата зошто немаат плата, откако Фондот за здравство објави дека им е хакиран системот и откако вообичаената исплата наместо на 10-ти во месецот, уште не им е пристигната. Според неофицијални информации на „Слободен печат“, плата за медицинскиот персонал од државните клиники нема да има цела недела, а можеби и подолго. Се чека ФЗОМ да го пробие и законскиот рок за исплата кој е на 15-ти во месецот, па да следуваат и тужби, тврдат за Слободен печат доброупатени извори од Синдикатот на Клинички центар.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
-Незадоволството кај лекарите е огромно. Се јавуваат постојано и прашуваат да се координираме за понатамошна акција. Ако се пролонгира исплатата како што изгледа дека ќе се случи, тогаш ќе поднесуваме поднесоци до Трудовата инспекција и тужби до надлежниот суд. Медицинскиот персонал си ја заработил таа плата. Многумина имаат кредити и не сакаат да се доведат во ситуација да имаат и извршители. До пред половина година бевме херои, а сега? Треба некој од ФЗОМ да понесе одговорност за ова хакирање. Не можеме официјално ниту да прашаме во ФЗОМ што се случува, зашто мејловите не им работат. Имаме предлози од медицинскиот кадар да излеземе на протест, вели за „Слободен печат“ потпретседателот на Синдикатот на Клинички центар Предраг Серафимовски.
Директорот на Клиниката за пулмологија, доктор Дејан Докиќ, ни потврди дека освен исплатата на платите, не е возможно ниту клиниките да ги фактурираат парите кон Фондот за извршените услуги.
Покрај тоа, новиот министер за здравство веројатно ќе ја почне кариерата со штрајк зашто неофицијално, колективниот договор со кој требаше да има 3 илјади денари покачување за медицинските сестри не е потпишан, ниту пак поминал низ филтерот на Министерството за финансии.
Мејловите на ФЗОМ не пристигнуваат до примачот од што сомнително е дека е хакирана и мејл комуникацијата на институцијата. До директорката на ФЗОМ Магдалена Филиповска Грашоковска преку СМС порака поставивме прашање, дали е точно дека санирањето на системот ќе одземе еден месец, бидејќи според нашите информации од инсајдери, хакерите поставиле нови пасворди во системот и ситуацијата е непоправлива во стариот систем. Одговори не добивме.
Од ФЗОМ осми ден комуницираат еднонасочно преку кратки соопштенија на Фејсбук. На телефонските броеви оставени за граѓаните да ги контактираат во секој град, кратко и неодредено одговараат дека „има проблем со системот и се работи на негово отстранување“.
Матичните лекари со кои зборувавме велат дека нема како да ги запишат пациентите кои вршат отпис од пензиониран лекар или од затворена амбуланта. ФЗОМ уверува дека правото на здравствена заштита на граѓаните не е загрозено, но нема конкрентни одговори до кога парите на граѓаните и на лекарите ќе бидат во хакерско заложништво.
Лекувањата, упатите и прегледните и боледувањата, издавањето на рецепти од страна на матичните лекари како и издавањето лекови на граѓаните се одвива непречено и граѓаните без застој можат да ги користат овие здравствени услуги.
„Техничките тимови работат на најбрзо можно враќање во функција на системот за исплата на плати на здравствените работници како би се запазиле законските рокови за исплата, како и за другите форми на исплата, односно боледувањата, породилното и рефундациите“ напишаа од ФЗОМ во последното соопштение во петокот.
Сајбер нападот следуваше истата недела кога Фондот планираше миграција на системската инфраструктура. Оттаму рекоа дека експертските анализи покажале дека нема излевање на дата базата, но колку на ова може да му се верува? Нема одговори од ФЗОМ дали е точно, дека нападот се случил во момент кога внатре во системот на Фондот, податоците се префрлале од клауд во клауд, со што апсолутно е возможно и хакерите да ги копирале.