Злате Мехмедовиќ, Игор Николов и Горјан Милановски

Лекарите предупредуваат: Потребно е итно спроведување на вакцинација за заштита од новиот делта-сој

Делта-варијантата на коронавирусот е сè поприсутна во светот и претставува сериозна закана за сите земји, особено за оние каде вакцинацијата не е сè уште спроведена, констатираа докторите Злате Мехмедовиќ, Горјан Милановски и Игор Николов на денешната дебатна емисија „24 Анализа” на „Телевизија 24″.

Д-р Злате Мехмедовиќ истакна дека преносливоста на новиот делта-сој е поголема за 60% во затворени простории и за 40% на отворено.

– Делта-варијантата на вирусот беше присутна уште во март оваа година во Индија и проблемот со оваа варијанта е што лесно се пренесува. Преносливоста како компонента е значително изразено споредено во однос на оригиналниот сој, уште повеќе со оној алфа сој од Велика Бритаанија.  Преносливоста се смета дека е поголема за 60% на затворено и 40% на отворено и тоа е навистина една голема бројка. Се смета дека бројот на заразени се дуплираат секој ден во рок од една недела и имате експоненцијално растење на кривата, бројките на хоспитализирани се дуплирани, како и бројките на смртни случаи. Ова се информациите што ги добиваме од Индија. Нормално, во оние земји каде процесот на вакцинација е спроведен е поинаку, затоа не можеме да добиеме една дефинитивна слика за тоа каков е клиничкиот аспект на оваа болест, поради тоа што во Индија можевме да видиме некои тешки форми на болеста, со некои непознати форми на засегање на кардиоваскуларниот систем и на дигестивниот систем, како и на нервниот. Во Велика Британија гледаме една друга слика, имаме значителен број на ПЦР тестови, меѓутоа имаме мал број на хоспитализирани лица, што е добар индикатор. Двата аспекти на болеста што нас нè загрижува е брзата трансмисија и клиничката слика на болеста, вели д-р Злате Мехмедовиќ.

Д-р Горјан Милановски од Институтот за имунологија вели дека случајот во Велика Британија е пример за тоа колку е важна вакцинацијата за заштита, односно ублажување на последиците од Делта варијантата.

– Најважниот сегмент за заштита од било која варијанта од вирусот претставува вакцинацијата, која што треба што е можно помасовно да се организира. Случајот на Велика Британија е пример, во споредба со Индија, каде што процентот на вакцинирани од вкупното население во Британија изнесува приближно 50%. Бројот на хоспитализации е помал за разлика од претходните бранови кога вакцинацијата не беше на такво ниво. Сите вакцини нудат речиси 90% заштита од развивање на тешка форма на болеста, истакна д-р Горјан Милановски од Институтот за имунологија.

Д-р Игор Николов од Клиниката за нефрологија, пак, напомена дека земјава се наоѓа во речиси слично сценарио споредено со лани ова време. 

– Ова ми личи на слично сценарио што ни се случи минатата година. Лани во овој период мислевме дека сè е под контрола и дека нема потреба од нови мерки. Сите сме сведоци дека дискотеките се преполни со луѓе. Би предложил до Комисијата за заразни болести да бидат попрофесионални и во неа да се вклучат луѓе експерти од сите Медицински факултети од земјава. Исто така, многу е важно да се забрза процесот на вакцинација. Ние не смееме да дозволиме да ни се случи истото сценарио од лани. Ние треба сериозно да се подготвиме, бидејќи постои потенцијален ризик. Следејќи го примерот на земјите кои сè уште немаат спроведено вакцинација, а каде е присутен Делта сојот, имаме сериозни компликации на болести, вели д-р Игор Николов од Клиниката за нефрологија и додаде дека мораме да го забрзаме процесот на вакцинација и да се опфатат оние вакцинални џепови, каде што ние до сега не успеавме да ги контактираме возрасните лица, неподвижните лица, оние лица кои што немаат пристап до интернет.

– Доколку не го забрзаме процесот на вакцинација, ние ризикуваме четвртиот бран да биде навистина голем и да имаме зголемен број на починати. Политичарите треба да бидат многу внимателни со нивните изјави и она што е најважно е да не се паничи, туку да се подготвуваме реално за она што не очекува, додаде Николов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот