
Лекарите не сакаат „желботека-специјализации“, кадри од штабови, сестри што не знаат да ја стават иглата на шприцот и плати мизерија
Лекарите се незадоволни. Преку глава им е од вработувањето партиски кадри, од несоодветните плати и бараат професионализација на клиниките, бидејќи, како што беше кажано на денешната прес-конференција – имало сестри што работат на Клинички центар, а не знаат да ја постават иглата на шприцот.
Препорачано
Медицинските синдикални здруженија бараат Министерството за здравство да почне да прави стратегија за тоа какви специјалисти недостасуваат на клиниките и секој специјализант да учи за областите кои што недостасуваат, а по специјализацијата да остане на државна клиника да работи или во државните болници во внатрешноста, наместо да се одлева кадарот во приватното здравство и во Западна Европа, а во Охридската општа болница да нема педијатар.
Ако до септември не се реши срамната состојба во која вработени на Клинички центар земаат 15 илјади денари плата, тогаш ќе почнат колективни тужби против Фондот и Министерството за здравство, нешто што ќе удри по буџетот и ќе чини поскапо отколку тоа Министерството да им ја даде минималната плата што по закон им следува на вработените.
-Никој не смее да има плата пониска од минималната. Кај нас не е така. Тие што се најзагрозени, земаат од 15.900 до 18 илјади денари плата. Тоа е кривично дело. Министерот Фатмир Меџити вети дека за здравството од септември ќе обезбеди никој да не стартува под минималната плата. Бараме со августовската плата да се изврши усогласување со минималната. Ако тоа не се реши пред покачувањето во септември, ќе почнеме со приватни и со колективни тужби до Фондот за здравство и до Министерството и со протести. Тужбите ќе ги чинат повеќе пари отколку двата милиони евра потребни за усогласувањето на нашите плати, изјави претседателот на Синдикатот на Клинички центар доктор Предраг Серафимовски.
Синдикатот поддржува на Клинички центар да има само еден директор и еден управен одбор а да се укинат економските директори кои се скапи и непотребни. Се бара итно донесување на стратегија за наредните 20 години, за тоа какви специјализации се потребни. Една приватна специјализација го чини специјализантот 10 илјади евра, ама со оглед на тоа што неговите месеци поминати на Клиниката во усовршување се платени, тој всушност го добива образованието бесплатно од државата. Потоа, кога ќе стане доктор специјалист, тој излегува од системот и отвора приватна ординација или оди на работа во Германија и не е обврзан да остане во државното здравство.
-Се трошат пари за нивното усовршување, а не се гледа бенефит. Вработувањата повеќе не смее да бидат партиски. Ако некој човек вреди, тогаш и да е Еским треба да се вработи каде што треба. Специјализациите не се желботека. Деканатот да поработи на тоа каде недостига неврохирург, каде друг доктор и таму да се насочува и да се вработи студентот каде што е потребен, додаде доктор Серафимовски.
Професор доктор Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија истакна дека ваквото несоодветно поставување на државата без план кон специјализациите, доведува до недостиг на кадар во болниците во внатрешноста на Македонија, каде нема одреден вид лекари, зашто сите се во Скопје, каде има превработеност. Според него на државното здравство му треба професионализација.
Тој додаде дека иницијативниот одбор ја поздравува идејата за спојување на Клинички Центар, ама спојувањето да значи и професионализација на клиниките.
-Директорот нека го бира владата, ама раководителите на Клиниките, да се од редот на клиниката и тоа професори со барем 20 години искуство. Само по основ на економски директор и управни одбори годишно 1 милион и 200 илјади евра годишно се фрлени неповратно. Второ барање како иницијативен одбор е вработување на персонал на клиниките. Секој знае каков персонал му недостасува и каков квалитет може да добие. Има сестри кои не знаат да ја стават иглата на шприцот и не би требало да работат. Се завршуваат вечерни школи и се произведува неквалитет. Огромен е револтот кај докторите, зашто никогаш никој не прашува дали сестрата дала соодветна терапија. Има Клиники, каде ако волонтерите се решат да напуштат, ќе остане клиниката нефункционална. На мојата клиника од 60 вработени 17 се волонтери. Ако напуштат, тогаш токсиколошка лабораторија ќе нема, рече доктор Беќаровски потенцирајќи ја неодложната потреба да се направи политика за специјализации од која ќе се види кои се потребите на државното здравство.
-Каде го има тоа „јас сакам да бидам гинеколог“? Ние мора да почнеме да ја применуваме добрата европска и светска пракса. Понатаму, не може сите да специјализираат и да останат во Скопје, а болницата во Битола да зјае празна, а во Охрид да нема педијатар. Специјализацијата им ја плаќа државата, а немаат одговорност ниту еден ден да останат во државното здравство. Државните специјализанти пак, не добиваат ниту денар за нивното дежурство, додаде Беќаровски.
Како резултат на екстремното наталожено незадоволство меѓу леарите се формираше иницијативен одбор за нов лекарски синдикат, кој изврши консултации со гранковиот синдикат и синдикатот при Клинички центар. Во склоп на синдикатот ќе се доекипира докторски одбор „Хипократ“.
– Ќе се заложиме да се решат проблемите на специјализантите. Ќе има посебна единица за нив. Тие дежураат без пари и завршуваат голема работа на Клинички Центар. Во следните преговори ќе бараме да им се регулираат правата. Ќе бараме да се регулираат приватните специјализации. Нема држава како Македонија, каде има приватни специјализации а да не се знае кој стои зад неа. Надвор ни се смеат. Сакаме да се избориме за нивниот надомест за одвоен живот и сместување. Лекарите и сестрите се незадоволни од активноста на Лекарската Комора и Комората на медицински сестри. Сакаме состанок со нив, за да се разрешат проблемите. Не може да биде волја на директорот дали нечие образование ќе биде признаено или не, туку треба да постои автоматизам како во другите држави. Треба да има нивелирање на коефициентите. Во моментот ако ги споредиме коефициентите меѓу судија и доктор, докторите два и пол пати заостануваат. Дали на државата ѝ требаат само судии или ѝ требаат и лекари? Не бараме европски плати, ама барем коефициентот меѓу судија и лекар да е 1 спрема 1. Ако се најдоа пари за судиите и за функционерите, да се најдат и за здравството. Ако пак бидеме изиграни, на крај тие што сме создале име, ќе преминеме во приватното здравство, а младите колеги ќе ја напуштат државата, истакна професор доктор Беќаровски.
Синдикатот бара да се покачат платите на здравствените работници согласно коефициент.
-Имаме сестра која ни пишува „нели се најадовте“ на нас лекарите, затоа што сме барале повторно покачување. Системот „раздели па владеј“ не смее да продолжи и затоа сакаме да се дефинираат коефициентите, со оглед на тоа што линеарните усогласувања создаваат внатрешно незадоволство меѓу персоналот, вели Беќаровски.
Платата на медицинска сестра во Косово е 650 евра, а на доктор специјалист меѓу 1.800 и 2.000 евра. Тие добиваат двојно повисоки плати отколку лекарите и сестрите во Македонија. Од Синдикатот на Клинички центар исто така истакнаа дека Фондот за здравство треба му ја отстапи надлежноста над парите на Министерството за здравство, за тоа да може непречено да раководи со здравствените политики.
За реализирање на целите формиран е докторски одбор „Хипократ“ а Синдикатот е отворен за сите медицински професионалци, дури и од клиниките во другите градови, а не само во Скопје.