
Лекари без граници со осуда за Израел: Газа стана масовна гробница за Палестинците
Драматичната ситуација која владее во Газа по воените операции ја истакнуваат Лекари без граници, кои го осудуваат Израел за блокадите што ги наметнал.
Препорачано
„Газа стана масовна гробница за Палестинците и оние кои ги поддржуваат“, велат од организацијата.
Координаторката за итни случаи на организацијата, Аманда Бачероле вели: „Во реално време го следиме уништувањето и присилното раселување на целото население во Газа“, додавајќи дека хуманитарната помош е попречена поради несигурноста и драматичниот недостиг.
Серијата крвави напади на израелските сили сведочат за „флагрантно непочитување на безбедноста на работниците во хуманитарните и медицинските операции во Газа“, осудува организацијата, чии 11 соработници се убиени од почетокот на војната во палестинската енклава.
„Ги повикуваме израелските власти веднаш да ја укинат нехуманата и убиствена опсада на Газа, да ги заштитат животите на Палестинците, како и животите на хуманитарниот и медицинскиот персонал и да дејствуваат заедно со сите страни за заживување и одржување на прекинот на огнот“, се вели во соопштението на организацијата.
„Намерен напад врз народ“
Израел спречува секаков вид хуманитарна помош да влезе во палестинската енклава и, според Лекари без граници, резервите на храна, гориво и лекови се исцрпени.
Организацијата конкретно се однесува на недостигот на лекови против болки и лекови за хронични заболувања, антибиотици и основна хируршка опрема.
Без снабдување со гориво, болниците кои произведуваат електрична енергија што им овозможува да оперираат со генератори, нема да можат да работат и да ги одржуваат во живот луѓето во критична состојба.
„Ова не е хуманитарна катастрофа, туку политички избор и намерен напад врз народ кој се врши во услови на апсолутна неказнивост“, осудува Аманда Бачероле.
Израелските бомбардирања во голема мера ги ограничуваат можностите на Лекари без граници.
„Нашите тимови требаше да започнат со оперирање на педијатриското одделение, но тие беа принудени да ја напуштат теренската болница што беше поставена веднаш до болницата. Мобилните клиники на Лекари без граници во северниот сектор на Појасот Газа престанаа да работат, а на југ тимовите не можеа да се вратат во клиниката Ал-Сабура во Рафах, тврди организацијата.
Од 18 март и продолжувањето на воените операции, организацијата не можеше да се врати во Индонезиската болница во северниот сектор на Појасот Газа.