
Лека полека хируршките сали на Клинички се враќаат „во живот“ – трајно решение уште нема
Хируршките сали на Клиниките за трауматологија и за ортопедија на Клинички центар се речиси целосно оспособени и функционираат со надворешни компресори со капацитет од 80 проценти од работата, вели за „Слободен печат“ директорот на ТОАРИЛУЦ, доктор Александар Трајановски.
Препорачано
Тој додава дека на траума и ортопедија се изведуваат околу 15 операции дневно, а надворешните компресори кои се обезбедени, се еднакво функционални и квалитетни како што е и централната компресорска станица.
На таков начин, уверува Трајановски, функционираат и болниците од внатрешноста и не постои никаква опасност дека надворешните компресори се понеквалитетни.
– Имаме четири надворешни компресори на Траума и Ортопедија и на таков начин вратена е функцијата на 80 проценти од работата. Работиме во 4 хируршки сали, а имаме вкупно 6.
Имавме наши надворешни компресори кои ги ставивме во функција, а зедовме и од други болници. Чекам да набавам уште еден компресор и да ја вратам трауматологија во целосна функција, рече доктор Трајановски за „Слободен печат“.
Единствено Урологија функционира со целосен капацитет, а се очекува на Клиниката за дигестивна хирургија неделава пак да почнат операциите во само една хируршка сала, затоа што абдоменалните хирурзи досега воопшто не оперираа.
Ова покажува дека решението со надворешните компресори е само привремено, додека се чека обновувањето на главната компресорска станица.
Неделите во кои хируршките сали беа нефункционални придонесоа да се одложуваат елективни (не итни) операции. Итни пациенти беа препраќани во ГОБ „8 Септември“ и во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“.
Директорот на ГОБ „8 Септември“ доктор Христијан Костов за „Слободен печат“ вели дека 20 проценти од капацитетот на болницата е слободен, а напливот на пациенти е помал откако на Клинички центар почнале да се носат поголем број надворешни компресори.
– Одложуваме само мал дел од елективните операции, на пример за жолчка или кила. Другото функционира добро, вели тој.
Листите на чекање за елективни операиции на Клинички центар ќе се зголемуваат дополнително, ако се земе предвид дека доаѓа сезоната на годишни одмори. За големиот проблем да биде решен, се преземаат ситни и бавни чекори.
Укажувањата од Владата за промена на компресорската станица и на инсталацијата на хируршките клиники уште патуваат до заедничките служби. Откако Заеднички служби ќе го добијат дописот од Владата, за една недела треба да достават оперативен план.
На 3 јуни 2024 година од страна на стручен тим од претставништвото на германската фирма Дрегер, од Република Србија беа земени примероци од компримираниот воздух во потстаницата за компримиран воздух, потрошните места во операционите сали и интензивна нега.
Во очекување сме на писмениот Извештај од стручните лица од Република Србија. До денес 11 јуни 2024 година, во ЈУ од областа на здравството не е добиен Заклучокот од одржаната седница на Владата на РСМ за да се утврди со што е задолжена Јавната установа од страна на Владата.
Сите сознанија кои ги имаме потекнуваат од медиумите и социјалните мрежи. По добиен официјален документ, навремено ќе бидете известени, велат од заеднички служби за „Слободен печат“.
Владата минатата недела донесе заклучок да им се укаже на заеднички служби итно да набават нова компресорска станица со дислокација на старата компресорска станица, но и да спроведе итна набавка за нова инсталација на сите хируршки клиники во Клиничкиот центар.
Заедничките служби, една недела откако ќе го добијат дописот од Владата, треба да направат оперативен план со точни рокови како ќе ја врши замената.
Германски експерти ја утврдуваат причината зошто на хируршките клиники се шири непријатна миризба кога се користи централната компресорска станица.
Заменичката на министерот за здравство доктор Маја Манолева, смета дека решението кое се случува во моментов е преодно, но може да бидат потребни неколку месеци додека да се набави нова компресорска станица и да се постави нова инсталација за кислород и за компримиран воздух. Тоа се два посебни доводи.
Набавката на нова компресорска станица е сериозно решение за комплетна сигурност за здравствените услуги кон хируршките пациенти.
За неработењето на операционите сали на Клинички и препраќањето на пациенти во Градската општа болница „8 Септември“ и во Универзитетската клиника по хируршки болести „Свети Наум Охридски“, отворен е предмет во Јавното обвинителство по пријава од Министерството за здравство.