
ЛДП е спремна да оди сама на локалните избори, вели лидерката Зајкова
ЛДП е подготвена да настапи самостојно на овие избори и како лидер на обединетиот политички, граѓански центар и на сите прогресивни сили, изјави претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, во интервју за битолската телевизија „Тера“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Жал ми е што ова Собрание, во овој период не најде сила да донесе соодветен Изборен законик иако се знаеше дека доаѓаат локалните избори. ЛДП имаше предлог за измени на Изборниот законик во кој јасно беа регулирани и начинот на кој што би се собирале потписите за независни кандидати. Меѓутоа она што беше суштинска измена е и можноста за отворени листи бидејќи сметаме дека ќе беа клучни за овие избори“ вели претседателката на ЛДП Зајкова, која е и пратеничка во Собранието.
Околу измените и дополнувањата на Законот за локална самоуправа, каде една од измените е и можноста за отповикување на градоначалниците, Зајкова вели:
„ЛДП две години неуморно зборува за можноста за отповикување на градоначалник. Имавме и дебата и тука во Битола на која зборувавме за тоа кои се предностите за отповикување. Проблемот е што, еве да ја свртиме обратно работата. Кога ЛДП поднесуваше Закон за рамномерен регионален развој, кога ЛДП поднесуваше Закон за субвенциониран студентски оброк тие закони добиваа едногласна поддршка во Собранието, што значи дека е во капацитетот да се изгради сојузништво и консензус за да се направат навистина системски промени. Значи недостатокот на политичка волја е она што ги кочи суштинските реформи кои што треба да бидат спроведени“.
Таа повика „да проработи разумот кај пратениците“, бидејќи тие таму се сепак поставени од граѓаните и треба да се слушаат нивните потреби, а не партиските, и да се донесе овој закон, кој според неа е „единствена алатка која малку ќе стави стоп на оние градоначаници кои што се однесуваат неодговорно“.