Фото: Фејсбук

„Лажоманите од белата палата“ тераат политика, ништо нема да се урива во Козле, тврди Јакимовски

Паркот, фонтаната и игралиштето покрај булеварот сум ги направил јас и нема да се уриваат никогаш, тврди градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, откако жителите на Козле реагираа дека со ДУП-от кој утре треба да се најде на седница на Советот за усвојување, ќе се уништи целиот парк.

Жителите најавија за утре и протест пред Универзитетот за туризам и менаџмент, каде ќе се одржи седницата со намера да го спречат донесувањето на ДУП Ј03 блок 02 .

Овој план содржи сервисна улица пред зградите од булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, од број 149 до фабриката „Реплек“. Тоа е зелениот појас кој почнува од спротива на старата болница „Систина“ до „Реплек“, преку улица на студенскиот дом „Гоце Делчев“. Тука има игралиште за деца и фонтана и шеталиште за жители од 17 згради. А, зад зградите на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, т.е. на улицата Јуриј Гагарин каде што има паркинг за зградите и куќите, во план е да се прави сервисна улица до „Реплек“. Ова се прави со цел да се добие сообраќаен пристап за градежна парцела на која се наоѓа маркица за градење на 4 згради. Една зграда е со 11 ката и поткровје, една со 7 ката и поткровје и две згради со 6 ката и поткровје“ – се вели во писмото на загрижените жители.

Тие го прашуваат градоначалникот Јакимовски дали вреди  за три згради и профит за два-тројца да се уништува животот на 3.000 жители од oпштина. Како што најавија, ќе поднесат потписи за бришење на оваа точка од дневен ред.

Но, градоначалникот Јакимовски тврди дека вревата што се крева не доаѓа од жителите туку, како што вели, од „лажоманите од белата палата“ и додава дека тој план веќе бил на три јавни анкети и во него биле вметнати сите барања на граѓаните.

Се јавуваа по луѓето да ги лажат дека ќе им се уништела фонтана и ќе се направела улица. Се е тоа лага. Ако сакаат некого да го прашаат, треба да прашаат едно момче со поголема брада од мене – Коце Трајановски. Тој ги има проектирано тие улици и тие се согласно ГУП, кои што градоначалникот на Карпош само ги презема од Генералниот план – нагласи градоначалникот на Карпош.

Според него на планот немало забелешки, двапати го гледале и советниците, но дека сега некој сака политички да го употреби.

Сакаат да прават политика, нивен член вчера ми кажа дека им се јавиле од партијата да протестираат против планот. Ние сме соочени со луѓе кои сакаат да земат власт, а да го лажат народот и тоа не е чесно – рече денеска Јакимовски на прес-конференција и повика да се престане со лагите.

Во предложениот ДУП на просторот каде е лоциран паркот покрај булеварот Теодосиј Гологанов, спроти студентскиот дом „Гоце Делчев“, не е планирана изградба на нови згради во зелениот простор како што се тврди во некои од медиумите, туку сервисна улица покрај булеварот. Улицата, како што е вцртана во планот, сепак мора да опфати и дел од зелениот простор каде што се наоѓа фонтаната и игралиштето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот