фото: EPA-EFE

Лавров му порача на Западот внимателно да ја прочита нуклеарната доктрина на Путин

Нападот со американските ракети АТАКМС врз областа Брјанск е сигнал дека Западот сака ескалација, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

„Фактот што овие ракети беа користени неколку пати во текот на ноќта во регионот на Брјанск, се разбира, е сигнал дека сакаат ескалација. И без Американците е невозможно да се користат тие ракети со висока технологија, Путин зборувал за тоа многупати“, рече Лавров на прес-конференција на самитот на Г-20 во Рио де Жанеиро, пренесуваат руските медиуми.

Лавров рече дека рускиот лидер веќе ги предупредил западните земји за тоа како ќе се смени позицијата на Русија доколку биде одобрен „овој дострел за кој сега разговараат – до 300 километри“.

„Во суштина, ова не е дозвола за Украина да користи ракети со долг дострел, туку едноставно најава дека сега ќе пука до 300 километри“, додаде тој.

Тој исто така рече дека не може точно да ги потврди информациите дека Вашингтон одлучил да му дозволи на Киев да изврши напади со американско оружје со долг дострел длабоко во руска почва.

„Едноставно не можам да потврдам, бидејќи сите пишуваат како да е дадено. Дури и Борел рече дека тоа е веќе официјално, а Европејците, велат, разговарале и одлучиле секој сам да одлучи дали ќе им дозволи на Украинците да го користат нивното оружје со долг дострел. Нема да шпекулирам на оваа тема“, рече министерот на прес-конференцијата.

Лавров го повика Западот да се запознае со целата обновена руска нуклеарна доктрина како целина.

„Денес официјално беа објавени основите на нуклеарната доктрина. Таму се е потврдено. Она за што пред нешто повеќе од еден месец јавно зборуваше претседателот на Русија, Владимир Путин, сега е законски утврдено. Се надевам дека таму (на Запад) ќе ја прочитаат оваа доктрина. Но, не како што ја читаат Повелбата на ОН, гледајќи го само она што им треба, туку доктрината во целина и се што е поврзано со неа“, рече рускиот министер.

Тој понатаму тврди дека Русија е посветена да спречи нуклеарна војна.

„Ние се залагаме да не дојде до нуклеарна војна. Уште од советско време и тоа им го кажавме и на САД… Горбачов и Реган заедно изјавија дека во нуклеарна војна не може да има победник и дека никогаш не треба да се започне“, истакна Лавров.

Сергеј Лавров додаде дека одговорен е ставот на германскиот канцелар Олаф Шолц да не дозволи испорака на ракети „Таурус“ за Киев.

Претходно истото го изјави и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Лидерите на странските земји треба внимателно да ја проучат руската нуклеарна доктрина, изјави портпаролот на Кремљ.

На прашањето дали, според новата доктрина, таквото распоредување ќе предизвика руски нуклеарен напад, Песков одби директно да одговори и се врати на новите ажурирања на одредбата за напади поддржани од нуклеарните држави.

„Москва го задржува правото да користи нуклеарно оружје кога нејзиниот суверенитет и територијален интегритет или суверенитетот и територијалниот интегритет на нејзините сојузници се во прашање“, рече Песков.

Лавров и Макрон се ракуваат

На самитот на Г-20 во Рио де Жанеиро, францускиот претседател Емануел Макрон и рускиот министер за надворешни работи Лавров си подадоа рака. Ова привлече големо внимание кај светската јавност, а на социјалните мрежи веќе кружи видео од овој краток, но значаен момент.

Средбата и ракувањето меѓу Емануел Макрон и Сергеј Лавров доаѓа во време на напнати односи меѓу Западот и Русија поради ескалацијата на војната во Украина. Овој гест може да биде симболичен показател за дипломатските односи на високо ниво.

Песков: Русија го задржува правото да користи нуклеарно оружје во случај на агресија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот