
Лауреат на „Златен венец“ на СВП 2024 е францускиот поет Жан Пјер Симеон
Добитник на „Златен венец“ за 2024 година, главната награда на „Струшките вечери на поезијата“ (СВП), е истакнатиот француски поет Жан Пјер Симеон. Одлуката беше соопштена на свечен настан во Македонската академија на науките и уметностите, на кој покрај прогласувањето на лауреатите на СВП, беше одбележан 21 март – Светскиот ден на поезијата со поетско читање во кое учествуваа истакнати поети-членови на Македонскиот ПЕН Центар, како и други истакнати македонски поети од различни генерации.
Препорачано
Наградата на лауреатот ќе му биде врачена на поетското читање „Мостови“, една од централните манифестации на фестивалот СВП, предвиден да се одржи од 22 до 26 август во Струга.
Во образложението на одлуката, проф. д-р Елизабета Шелева, претседател на Управниот одбор на СВП, потенцира: „Жан Пјер Симеон е ценет поет, со широк распон на својот творечки потенцијал, реализиран во неколку жанровски подрачја. Тој e сестран автор, комплексна творечка фигура и поливалентна личност: интелектуалец, ерудит, поет, уредник, есеист, прозаист, драмски автор, хуманист. Поезијата на Симеон, зад себе го има благородниот контекст и драгоцената закрила на една богата поетска традиција, каква што е француската, којашто ја краси возвишениот парнасовски идеал на песната – како суверено кралство во кое живее и опстојува власта на Љубовта и Убавината.
Во песните на Симеон од почетниот период одѕвонува една самосвојна дидактика на Љубовта – а која стреми и досега отаде (похотливата и голосетилна) еротика ’на прва рака‘. Од друга страна, Симеон, негува своевиден естетизам (благородна доверба во моќта на зборот), кој останува до крај имун, резистентен кон денес, помодните искушенија на антиестетизмот, како и кон владејачката поетика на грдото. За разлика од тоа, Симеон и неговите песни бегаат од сеприсутната (и општа) приземност, која владее и со медиумите и со културата и со уметноста. Симеон напротив тежнее и се залага да се сочува од (фаталното) сквернавење на скапоценото достоинство на зборот и на песната.“
Поетот, драматург и есеист, Жан Пјер Симеон е роден 1950 година во Париз. Како професор по модерна книжевност, тој објавил повеќе збирки поезија, романи, книги за деца и театарски пиеси. Тој е иницијатор на Неделата на поезијата во Клермон-Феран во 1986 година. Од 2001 до 2017 година бил уметнички директор на „Пролетта на поетите“. Од 2001 до 2019 година бил придружен поет на Националниот народен театар во Вилербан. Тој е претседател на жирито за доделување на наградата „Аполинер“. Во моментов е директор на колекцијата „Поезија во Галимар“.
За своето поетско творештво, Жан Пјер Симеон е добитник на многу награди, меѓу кои Големата награда за поезија на Француската академија во 2022 година. Жан Пјер Симеон е одликуван со орденот Командант од редот на уметности и литература.
Поезијата на Жан Пјер Симеон е првично приопштена на македонски јазик, благодарение на поеткиот избор „Човекот во срцето на светот“, објавен во едицијата „Плејади“ на Струшките вечери на поезијата во 2010 година, во препев на Јордан Плевнеш.
Добитничка на наградата „Мостови на Струга“ за 2024 година што СВП во соработка со УНЕСКО ја доделуваат за најдобра дебитантска збирка е германската поетеса Катрин Пиц за нејзината стихозбирка „Вакви денови имало отсекогаш“.
Директорот на СВП, Тодорче Тасевски ја објави соработката на СВП со Делегацијата на ЕУ, којашто од оваа година ќе биде покровител на наградите „Енхалон“ и „Млада Струга“ преку „Јуроп хаус – Струга“, најновата членка на мрежата на „Јуроп хаус“ кај нас.
Возобновената награда „Млада Струга“ ќе се доделува за необјавен поетски ракопис на млад поет или поетеса што дотогаш немаат објавено поетска збирка. Добитникот ќе биде избран по распишан конкурс, а освен паричен износ, наградата вклучува и објавување на поетската збирка како дел од изданијата на СВП и учество на Фестивалот, по урнек на поранешниот конкурс на Книжевната младина на Македонија.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 223, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-24.3.2024)