Фестивалот „Преку езерото“ ќе се одржи од 7 до 12 август во Дојран

Лауреат на наградата „Мето Јовановски“, што ја доделува филмскиот фестивал „Преку езерото“, е Лазар Ристовски

Четвртото издание на фестивалот на медитерански и балкански филм „Преку езерото“ ќе се одржи од 7 до 12 август во Дојран, а лауреат на наградата „Мето Јовановски“ за високо актерско достигнување во уметноста на филмот е Лазар Ристовски.

Големиот балкански, српски и македонски актер Лазар Ристовски, кој во својата речиси петдецениска кариера беше и сѐ уште е дел од најважните филмски случувања на Балканот и на Медитеранот, е лауреат на наградата „Мето Јовановски“ на четвртото издание на фестивалот „Преку езерото“.

Како актер, Лазар Ристовски играше и во два македонски филма, едниот е „Јазол“, а другиот е „Збогум на дваесеттиот век“, но игра и една од позначајните ролји во култниот филм „Буре барут“ на македонскиот сценарист Дејан Дуковски. Тој е основач и директор на филмскиот фестивал „Дуго село“, кој се одржува во Војводина во Србија.

Лазар Ристовски

Информацијата за лауреатот и за официјалната програма на фестивалот „Преку езерото“ ја споделија Јани Бојаџи, директор на фестивалот, и Небојша Јовановиќ, уметнички директор на фестивалската програма. Во чест на лауреатот, на првиот ден од фестивалот во Амфитеатарот во Дојран ќе биде прикажан негов одбран филм и потоа ќе следува разговор со Лазар Ристовски.

Во официјалната програма на „Преку езерото“ ќе бидат прикажани шест долгометражни и 18 краткометражни филмски остварувања. Во официјалната селекција се филмовите: „Новата година која никогаш не дојде“ (2024, Романија) на Богдан Муресану; „Кога летото ќе замине“ (2024, БиХ) на Данис Тановиќ; „Месо“ (2024, Грција) на Димитрис Накос; „Било каде, било кога“ (2024, Италија) на Милад Тангшир; „Помеѓу боговите“ (2024, Србија) на Вук Ршумовиќ; и „Мали палави девојки“ (2025, Словенија) на Уршка Џукиќ.

– Главната натпреварувачка програма оваа година ќе донесе шест свежи медитерански приказни, кои во себе носат силна провокација за сетилата на гледачите, во визуелна и наративна смисла, но и особена актуелност за она што важно се случува околу нас. Гледачите и јавноста во Дојран оваа година ќе имаат можност да видат една силна филмска програма преку која ќе доживеат исклучителна вештина за раскажување на приказни преку слики и звук, или поточно, со алатките на филмскиот јазик – рече Небојша Јовановиќ.

Тој посочи дека изборот на филмовите е направен така што во нив има тематска разноликост и културолошки диверзитет, преку застапеност на повеќе културни матрици. На затворањето на фестивалот ќе биде прикажан филмот „Стелиос“ на Никос Казанзикис, со жирито ќе претседава минатогодишниот лауреат на Гран-при за најдобар медитерански долгометражен филм, режисерот Христос Пасалис од Грција, а членови ќе бидат и двајца филмолози и филмски критичари од Македонија и од регионов.

Фестивалот „Преку езерото“ и годинава во текот на петте фестивалски денови ќе го промовира македонскиот филм, македонските автори, кинематографијата и културата со моќта на уметноста на раскажување приказни. Но, исто така, ќе ги промовира и туризмот, историјата и духовните вредности. Оваа година програмата на фестивалот ќе се дисперзира и во Струмица и во Гевгелија.

– Освен филмската програма, „Преку езерото“ во 2024 година реализираше и работилница за развој на сценарија и продукција за дипломски студентски играни кусометражни филмови, каде што многу успешно се претставија четири студенти од Универзитетите за филм и телевизија во Македонија. Беа доделени четири грантови во износ од по еден милион денари за снимање и постпродукција на филмовите. Во овој момент два од грантираните филмови се целосно снимени и се во фаза на постпродукција. Другите два се продукциски подготвени и наскоро ќе влезат во дистрибуција со што на „Преку езерото“ годинава ќе имаме четири светски премиери на кусометражни македонски дипломски филмови – истакна Јани Бојаџи.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 289, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 12-13.7.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот