
КЗК ги проверува пријавите за нефер практики, оформени 50 предмети, ама нема прекршочни или судски одлуки
Комисијата веќе оформи 50 предмети по дојави за случаи за нефер трговски практики, ќе излезе на терен, ќе има многу работа, ќе ги проверува случаите. И секако, ако има потреба, ќе има и казни, вели заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески
Во периодот до Нова година, додека траеше мониторингот на пазарот, до Комисијата за заштита од конкуренцијата, пристигнувале пријави од граѓани, трговци, добавувачи и производители за детектирани нефер трговски практики, дознаваме од добро известени извори. Дел од нив се и пријави по допрен глас, па сега КЗК треба да ја провери нивната оправданост и понатаму да реши дали и кој заслужува да биде казнет. Минатата недела Марјан Ристески, заменик-министер за економија и труд, без да открива други детали, соопшти дека КЗК има оформено 50 предмети за случаи на нефер трговски практики, но на нивната веб-страница досега нема објави за одлуки во прекршочна постапка или, пак, одлуки на судови.
Препорачано
– Комисијата веќе оформи 50 предмети по дојави за случаи за нефер трговски практики. Комисијата ќе излезе на терен, ќе има многу работа, ќе ги проверува случаите. И секако, ако има потреба, ќе има и казни – рече Ристески.
Комисијата ќе ги разгледа сите предмети и ќе ги провери на самото место, потврди за нашиот весник Ристески.
– За пронајдените неправилности казните се големи, до 20.000 евра. Законот за нефер трговски практики мора да се спроведува и да се заштитат и производителите и потрошувачите. Тие сега се соочуваат со законска материја, која е прва од ваков вид во македонската историја. Им треба соодветна кадровска екипираност и помош од пазарните инспектори – ни објасни Ристески.
Законот за нефер трговски практики е во сила од 28 септември минатата година. До крајот на 2024 година се вршеше мониторинг на спроведувањето на Законот, а од почетокот на годинава на сила се казни за сите неправилности во неговото спроведување. Со законот се опфатени повеќе од 2.500 производи, а со него се уредуваат односите на релација производители, добавувачи и трговци.
Според Законот, кој е по ЕУ-директива, рабатот на годишно ниво не смее да биде повисок од 10 проценти. Во меѓувреме, додава Ристески, се консултираат сите пазарни играчи во однос на нивните забелешки за применливоста на некои законски одредби, а потоа ќе се оди на техничко дотерување, бидејќи проблематиката е различна.
КЗК: Во моментот ги анализираме претставките што пристигнуваат
Законот за забрана на нефер трговски практики е донесен во март 2024 година и тој е нов закон во надлежност на Комисијата, покрај Законите за контрола на државната помош и за заштита на конкуренцијата. Целта на Законот е да се уредат деловните односи помеѓу добавувачите и купувачите како договорени страни, велат од КЗК за „Слободен печат“.
– Бидејќи Законот е нов и не постоеше практика, на почетокот се јавуваа голем број прашања од засегнатите претпријатија. Веќе е формиран нов сектор, кој ќе го спроведува Законот односно ќе ги контролира договорите помеѓу добавувачите и производителите на прехранбени и земјоделски производи со трговците, кои требаше да бидат усогласени до 29 септември 2024 година. Во моментов пристигнуваат претставки што Комисијата ги анализира, со можност да побараме од претпријатијата да достават дополнителни податоци за правилно да се утврди дали постојат нефер трговски практики во конкретните случаи што се предмет на анализа. Доколку се утврди дека има прекршување на Законот, ќе се поведе постапка и во зависност од тежината на прекршокот, ќе изрече соодветна глоба. Со примената на Законот, очекуваме да се регулираат односите меѓу претпријатијата што се опфатени со него – ни рекоа од КЗК.
Комисиите од регионот постојат со години, турбо работат
На веб-страницата на српската Комисија за заштита од конкуренцијата стои дека нивната досегашна практика покажала дека постои недоволна свест на учесниците на пазарот за потребата и начините за усогласување на бизнисот со прописите за заштита на конкуренцијата, како и дека прекршувањата на конкуренцијата често се случуваат поради недоволно знаење и непознавање на обврските на учесниците во оваа област.
Инаку, нивните истраги датираат од 2007 година, а сите поединечни постапки за повредите на конкуренцијата им се објавени на нивниот сајт. Црногорската Агенција за заштита на конкуренцијата постои од 2010 година и има 34 вработени, а се занимава и со контрола на државната помош. Меѓу другото, тие имаат направени секторски анализи за големопродажбата на зејтинот и на шеќерот, за возачките испити, па дури и за поставувањето на рекламните паноа.
Агенцијата за заштита на пазарната конкуренција на Хрватска е основана со Законот за заштита на пазарната конкуренција и со Одлука на хрватскиот Сабор од 20 септември 1995 година, а со работа почна во почетокот на 1997 година.