Супермаркет/ Фото: EPA-EFE/TOLGA AKMEN

КЗК е подготвена да се „фати во костец“ со нефер практиките, тројца нови членови ќе пишуваат казни за непослушните трговци

Од Комисијата за заштита на конкуренцијата за „Слободен печат“ тврдат дека успеале да си ја завршат „домашната задача“ и покрај ограничените ресурси а од почетокот на 2025 година, се надеваат на нови вработувања во Секторот за нефер трговски практики

Комисијата за заштита на конкуренцијата ги одработува последните теренски подготовки и од стартот на идната година ќе се фати во костец со задолженијата од Законот за нефер трговски практики. Од оваа институција за „Слободен печат“ тврдат дека успеале да си ја завршат „домашната задача“ и покрај ограничените ресурси а од почетокот на 2025 година, се надеваат на нови вработувања во Секторот за нефер трговски практики. Комисијата останува отворена за соработка со претпријатијата но е и спремна да реагира доколку има грубо прекршување на Законот, предупредуваат одтаму. Со овој закон, кој опфаќа околу 2.500 производи, се очекува намалување на цените во маркетите преку уредување на односите помеѓу трговците и добавувачите, но до крајот на годинава нема да има казнување, туку тоа ќе започне од следната година…

-Во изминатите 2,5 месеци, интензивно соработувавме со претпријатијата и релевантните државни органи и бевме посветени на разјаснување на сите дилеми кои произлегоа од Законот за нефер трговски практики. Бевме целосно на располагање на претпријатијата преку предавања на обуки, одржувавме состаноци со заинтересираните претставници на компаниите и адвокатите, а на нивно барање дадовме бројни писмени појаснувања на одредени аспекти од Законот, се со цел да можат правилно да го усогласат своето работење – објаснуваат од КЗК.

Откако експертите констатираа дека ова е сосема нова и непозната материја, која бара соодветна подготвеност и кадровски потенцијал, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, неодамна рече дека КЗК веќе има проширен состав и дека тројца нови членови ќе работат специјално на спроведување и одредување санкции за оние кои го прекршуваат Законот за нефер трговски практики.

– Постапката во Собранието е изгласана. Сега таа Комисија наместо два ќе има пет члена и тројца од нив ќе бидат во секторот кој ќе се занимава само со прекршоците. Оваа тројка на Комисијата за заштита на конкуренција ќе ги разгледува сите договори помеѓу добавувачите и трговците, според моделот кој веќе одлично функционира во Хрватска – рече Дурмиши.

И професорот Ванчо Узунов во повеќе наврати истакна дека Законот за нефер трговски практики, ќе ја пополни актуелната празнина и ќе се делува поефикасно и побрзо.

-Постојните законски решенија, се очигледно неефикасни. Ова е пазар, жива материја, сложена и целата оваа политика на регулирање на пазарот е многу суптилна. Таа е скоро уметност. Ние до сега ја водиме и никој ништо не прави. И ако нешто превзема тоа го прави брутално со замрзнување цени. И едното и другото не е добро. Тоа се екстреми. Точно се потребни суптилни решенија, капацитетни институции да ги спроведуваат, не било кои со непотизам и итн – смета Узунов.

Со овој закон не се регулира трговската маржа туку се забрануваат дополнителните трошоци кои добавувачите ги плаќаа на купувачите за да ги продаваат нивните производи. Бидејќи трговците се уште имаат залихи на производи од старите договори тие мора да се потрошат за да се склучи нов договор и нова набавка, со која цените би биле пониски. Законот беше изгласан кон средината на март а потоа Владата им даде рок од шест месеци и на трговците и на добавувачите да се прилагодат на законот и да ги прилагодат договорите според новите норми. Во законот прецизно се наведени 26 трговски практики кои ќе бидат забранети а се однесуваат на односите меѓу трговецот  и добавувачот.

Дали ќе има дополнителен Правилник за повратот на стоката?

Трговците велат дека се уште имат нејаснотии и покрај обуките кои ги поминале. Но, не се откажуваат од барањето да се модифицира делот за повратот на стоките, ако треба и со дополнителен Правилник. И министерот Дурмиши призна дека добиваат најголеми реакции токму за овој проблем, а најави дека е можна „поправка“ на Законот, без да открие други детали. Дел од трговците за „Слободен печат“ брифираат и дека не се задолни со решението за спроведување на акциите, кои треба да се ограничат.

Некои трговци веќе добија „жолти картони“ од добавувачите да внимаваат со нарачките, оти непродаденото нема да им се враќа. Досега трговците добиваа повратници за производите што ги враќаа и тие паѓаа на товар на добавувачите. Токму тука, велат нашите извори, се правеле големи манипулации.

-Стравуваме што ќе се случи, бидејќи при крај е склучувањето на новите договори, а добавувачите почнаа да уценуваат и да не условуваат дека ќе ни откажат нарачките, доколку не потпишеме договор по нивни услови. Дури се закануваат и од законот нема да има ништо и дека неговата примена нема да види „бел ден“. Најголемите кавги се околу повратот на непродадените производи – се жалат помалите трговци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот