Фото: КФСМ

Квалификации за СП 2023: Шпанија нема да игра „лабаво“ против црвено-жолтите

Шпанските кошаркари се огромни фаворити во мечот со Македонија во Сарагоса, а плејот на домашниот тим Фернандез најавува дека ќе играат со полна пареа, иако се веќе пласирани во втората фаза. Во нашиот тим имаат амбиција да се покажат достојно

Шпанија ја пречекува Македонија вечерва во Сарагоса (19.30 ч) во петтото претпоследно коло од првата фаза во квалификациите за СП 2023. Светскиот првак Шпанија е огромен фаворит против подмладениот тим на црвено-жолтите, иако не игра со најдобриот состав.

За црвено-жолтите ова ќе биде шанса да покажат борбеност и дух против поквалитетниот противник, но и да се воиграат во пресрет на последниот меч од групата, против Украина во Скопје. Тој меч, в понеделник, ќе биде шанса нашиот тим со победа пред своја публика да ја заврши првата фаза од квалификациите, во која во првите четири кола забележа порази. Шансите за пласман на Македонија во втората фаза од квалификациите се минимални.

Иако Шпанија обезбеди влез во втората фаза, домашниот тим нема да игра само формално, туку ќе удри со сета сила на гостите. Тоа произлегува од изјавата на Хаиме Фернандез, плејот на шпанскиот тим.

– Ќе играме и ќе се бориме за секоја топка, сите заедно. Тоа ни е планот. Се фокусираме на следниот противник и не мислиме понатаму. Подготвени сме на се – изјави Фернандез, член на Уникаха, како најава за мечот во Сарагоса.

Селекторот Серџо Скариоло сериозно го сфаќа овој дуел иако во Скопје Шпанците победија со 94-65.

– Треба да започнеме со добра одбрана за да не им дозволиме да се расшутираат. Целта ни е што поскоро да обезбедиме пласман на СП 2023 и да видиме колку младите играчи напреднале – вели Скариоло кој смета дека Македонија е брз и добар шутерски тим.

Ветеранот од македонскиот тим Војдан Стојановски коментира за двата претстојни меча од групата.

– Шпанија е со истиот состав кој играше во Македонија. Дали е „Б“ или „А“ тим, Шпанија е Шпанија, ние ќе дадеме се од себе. Најважно ќе биде да се одигра достојно и против селекција со играчи од Евролигата и Еврокупот. Дома, пак, со Украина, сакаме да одиме на победа. Да ги завршиме квалификациите барем со една победа. Во овој циклус научивме дека нема слаби репрезентации. Штета што цело време не сме комплетни, поради повреди и отсуство на играчи. Последен пат бевме комплетни на ЕП 2015 во Загреб – констатира Стојановски.

На овие квалификации претрпевме порази дома од Шпанија, на гости од Украина (61-78) и од Грузија (70-91), како и на доманиот меч со Грузијците (65-79). Во групата со четири тима Македонија е последна без победа. Во втората фаза од кавалификациите одат првите три тима од групата. Украина е третопласирана со една победа, но и со еден меч помалку.

Група Г, 5 коло, денеска: Украина – Грузија (се игра во Рига, Летонија), Шпанија – Македонија. Табела: Грузија 7, Шпанија 6 (-1), Украина 4 (-1), Македонија 4.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот