
Купена механизација за 17 милиони евра за ископ на јаглен стоела три години во хангар!
Новото раководство на РЕК Битола подготвува многу кривични пријави. Кривични пријави ќе има и за неинсталирање на систем багер-транспортер – отпремувач, за тоа зошто еден метар транспортна трака се купувала по 540 евра, а пред една година се плаќала 340 евра, а ќе се предаде како доказ и парче тврда материја, која се купувала како јаглен што потоа морало да се разбива со помош на минери
Директорот на ЕСМ Зоран Коњановски најави дека до Јавното обвинителство ќе достават повеќе кривични пријави за досегашното работење на оваа државна компанија под чија капа се наоѓа домашното производство на електрична енергија. Пријави се најавуваат за тоа што купена опрема три години не се користела, за тоа што се користел неквалитетен јаглен, за тоа што не се постапувало во согласност со планот за откривање нови слоеви јаглен, како и за тендерски постапки.
Препорачано
Новиот директор на РЕК Битола, Тони Петрушевски, појасни дека опремата вредна околу 17 милиони евра, набавена во 2021 година, ја затекнале во хангар.
– Новото раководство назначено пред десетина дена затекна сосема нова механизација за рудниците – машини, грејдери, камиони… вредна 17 милиони евра, која иако е набавена пред три години, воопшто не била активирана на терен, туку со години стоела паркирана во хангарите на комбинатот. Со реорганизација на работата и на човечкиот потенцијал, вложивме напори за само неколку денови да создадеме услови сета нова опрема да ја вклучиме во функција. Сметам дека е нечесно и недозволиво со години да располагаме со нова рударска опрема и да ни стои неупотребена, а за сметка на тоа да трошиме милиони евра за ангажирање надворешни фирми. Според информациите што ги имаме на располагање, со таа опрема што ја активиравме на терен, очекуваме дека ќе се намалат потребите од надворешна механизација за околу 30 проценти со што значително ќе се намалат и вкупните трошоци за ископ на јаловина и јаглен – рече Петрушевски за време на новинарската посета на рудниците Суводол и Брод Гнеотино.
За тоа кој бил мотивот за да стои опремата во хангар, место со неа да се работи, Коњановски вели дека очекува судските органи да го најдат одговорот.
Коњановски вели дека до Обвинителството ќе биде доставено и парче од, како што рече, „цврста материја“.
– Оваа цврста материја се наоѓаше во еден од блоковите на РЕК Битола. Ако се сеќавате, блокот 3-4 месеци не можеле да работи, па доаѓа екипи со минирање да го отстранат. Ова е доказ дека се користел лош квалитет на јаглен, кој бил на штета и на енергетскиот комбинат и на енергетската стабилност на земјата – рече Коњановски на брифингот со новинарите.
Тој обвини и дека, во согласност со проектната документација не бил инсталиран ни цел систем багер-транспортер – отпремувач, така што се оневозможило користењето јаглен од Суводол, како и дека една метротранспортна трака се купувала по 540 евра, а пред една година, за на се плаќало по 340 евра. И овие наоди, потенцираше, ќе бидат дадени во Јавното обвинителство.
За многубројните обвинувања, што беа кажани на брифингот со новинарите во посетата на рудниците за јаглен Суводол и Брод – Гнеотино, „Слободен печат“ се обиде да добие одговор и од поранешниот директор Васко Ковачевски, кој најдолго беше директор во ЕСМ за периодот за кој стигнуваат обвинувањата, но не успеавме да ја воспоставиме комуникацијата.