Кумството со судијката или поддршката кон власта го спаси Боки 13 од затвор?

Кумството со претседателката на Апелациониот суд, Мери Дика Георгиевска или пак неговите настапи во кои ја напаѓаше поранешната власт на чело со СДСМ, му помогнаа на осудениот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски познат во јавноста како Боки 13, да му биде намалена казната од девет на пет години.

Овие дилеми се наметнаа по одлуката на второстепениот суд кој речиси му ја преполови казната на Јовановски со образложение дека кога му била направена последната операција го делеле неколку минути до сигурна смрт и доколку се случела нова компликација и ако повторно требало да се прави операција, исходот би бил ризичен, неизвесен и би можеле да настанат смртни последици.

Одлуката е донесена во период кога на чело на Апелациониот суд е судијката Георгиевска која во февруари 2023 година беше именувана за претседател на овој суд, а му е кума на Боки 13.

Дика Георгиевски последно во јавноста беше актуелна кога се појави токму во случајот „Рекет“ како сведок на Обвинителството кое го докажуваше перењето на дел од тие милион и пол евра кои осудениот бизнисмен Орце Камчев тврдеше дека му ги дал на Јовановски.

Таа во судот кажуваше дека долги години е пријателка на мајката на Бојан и дека заедно оделе на одмори и патувања, но рече дека немала точни информации од каде му се парите и дека слушала дека биле од проекти.

Сестрата на судијката, Агапи Дика, беше претседател на невладината организација „Меѓународниот сојуз“ и таа беше повикана како сведок во вториот дел на „Рекет“, за  предметот, „Меѓународен сојуз“, во кој Јовановски беше еднаш осуден, бидејќи со наводен проект за изградба на комплекс за стари лица измамил двајца бизнисмени, а со парите што нивните фирми ги уплатиле ги финансирал телевизијата „1ТВ“ и невладината, а купувал и лични предмети. Дика Георгиевска беше именувана за претседател на 3 февруари 2023 година, а Јовановски во март истата година беше на ризична операција и потоа не се врати во затвор.

Апелација: Дика не постапува по предмети

Од Апелациониот суд, сепак тврдат дека во овој случај не постои никаков судир на интереси, со оглед на тоа дека претседателот на судот не постапува по предмети.

– Претседателот на Судот го претставува судот, ја организира работата и презема мерки заради навремено и уредно вршење на работите во судот. Оттука, претседателот на Судот нема законско, ниту деловничко овластување да постапува во предмети, ниту ингеренции да влијае или укажува на определени околности поврзани со конкретен предмет. Жалбената постапка против првостепените одлуки ја спроведува еден од постојните совети при Апелациониот суд Скопје, кој постапувајќи по жалбата и по службена должност, ја цени законитоста и правилноста на првостепената одлука. Во вакви околности не може да стане збор за судир на интереси. Во Апелациониот суд Скопје, освен по сега наведениот предмет, во повеќе наврати се постапувало по предмети каде како обвинет, се јавува сега осудениот Бојан Јовановски, истите биле предмет на оцена пред овој суд, при што немало пречка за постапување, како ниту судир на интереси – велат од Апелација за „Слободен печат“.

Неговиот адвокат, Владимир Туфегџиќ не коментира никакви шпекулации.

– Поднесен беше предлог за преиначување на правосилна пресуда без повторување на кривичната постапка согласно член 447 став 1 точка 3 од Законот за кривичната постапка. Апелациониот суд одлучуваше по жалбата на одлука на кривичниот совет на Основниот кривичен суд, ги ценеше сите околности и донесе законита одлука. Се друго што е на ниво на шпекулации нема да коментирам – вели неговиот адвокат за „Слободен печат“.

Бојан Јовановски/Боки13 Фото: Принтскрин

По одлуката на Апелација, ниту една од политичките партии не излезе со реакција за намалувањето на казната, ниту опозицијата, ниту владејачката партија која ги критикува речиси сите одлуки на судовите. Па така со намалувањето на казната се поврзуваат неговите настапи кои се случуваa во предизборниот период, пролетта минатата година во кои жестоко ја напаѓаше тогашната власт на чело со СДСМ, која сега е опозиција

Адвокатот Јанаки Митровски во изјава за „Слободен печат“ вели дека тие како адвокати поднеле илјадници барања по ист законски основ за други обвинети, но редовно биле одбивани, а ова намалување го коментира како политичка награда за неговите настапи.

– Намалувањето на казнaта многу повеќе би го поврзувал со неговото учество во предизборието во разни популарни поткасти со огромна гледаност кога тој изнесуваше неудобни работи за тогашната власт, отколку со некакво кумство. Неспорно е дека законскиот основ постои, но за да му се намали казната без повторување на кривичната постапка поради нови факти. Меѓутоа дискутабилно е дали воопшто нов факт постои затоа што здравствената состојба му е иста и при изрекување на казна. Илјадници пати сме поднесувале исти барања по истиот основ за  вонреден правен лек и истите редовно се одбивани. Тој тврдеше дека боледува од канцер, но канцерот магично исчезна и затоа повеќе ова е политичка награда отколку некакво кумство – вели Митровски.

Јанева уште година и половина во затвор

Во поткастот на Стефан Лазаров со кого потоа заедно организираа и наградна игра, Јовановски изнесе низа обвинувања за поранешниот премиер Зоран Заев, како и за други високи функционери на СДСМ.

Во декември минатата година Управата за јавни приходи изврши контрола на забава во дискотека во Штип, организирана од Лазаров и Боки 13 и утврдила дека тие без дозвола организираат наградна игра. Лазаров ги откажа наредните планирани настани, а Боки 13 на социјалните мрежи објави дека поради преживеан стрес се повлекува од неговото јавно појавување како гостин и промотивно лице на забавниот проект „Giveaway“, за кој рече дека е во организација на Стефан Лазаров.

Апелација во својата одлука се повикува на многубројните лекарски извештаи доставени до нив за здравствената состојба на Јовановски.

– Значајно битно е пациентот комплетно да ги применува препорачаните медицински протоколи и процедури опишани во ова конзилијарно стручно мислење за да не дојде до појава на нови компликации кои може да бидат со смртни последици по животот на пациентот, бидејќи намалена е можноста за ново хируршко интервенирање кај пациентот особено поради фактот што кај истиот досега се извршени четири оперативни зафати на желудник – пишува во мислењето на лекарите.

Јовановски беше осуден на девет години затвор за „Рекет“, предмет за кој беше осуден заедно со поранешната специјална јавна обвинителка, Катица Јанева и Зоран Милевски Кичеец. Јовановски беше осуден за примање награда за противзаконито влијание и за перење пари односно дека земал 1,5 милиони евра од бизнисменот Орце Камчев со ветување дека ќе го спаси од кривичен прогон за случајот „Империја“ кој го водеше тогашното СЈО.

Катица Јанева има уште година и половина од казната – оди на работа и користи викенди

Јанева има уште година и пол за издржување на седумгодишната затворска казна за да ја одлежи целосно затворската казна, а Јовановски уште неколку месеци со оглед на тоа што беше во затвор четири и пол години. Сепак тој може да бара и условен отпуст и да не се врати во затвор. Против него во тек е судењето за „Меѓународен сојуз“ случај кој се суди по втор пат, а последно од кривичен прогон против Јовановски се откажал бизнисменот Ардијан Амзоски од фирмата „Дрим билдинг“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот