
Културната сезона во Францускиот институт почна со инсталацијата „Страв од љубов“
Новата културна сезона во Францускиот институт во Скопје е отворена со инсталација на уметницата Клелија Живковиќ. Авторката и инсталацијата со наслов „Страв од љубов“ беа претставени на 23 септември низ разговор со кураторката Мелоди Робин.
Препорачано
Инсталацијата „Страв од љубов“ претставува можност да се запознае делото на трансдисциплинарната уметница Клелија Живковиќ, чија уметничка практика се формира преку теоретски, материјални и експериментални искуства за личните, физичките, психолошките, емотивните и духовните бариери што ги среќава личноста додека се спознава себеси како битие на кое му е потребен простор за контакт со околината.
Инсталацијата ги пренесува невидливите врски преку три елементи: звук, ткаење и физичко присуство. Уметницата изработува инсталација која ја симболизира папочната врвца, низ која се прикажани нашите лични врски – кон минатите генерации и кон сегашните, оние што нè опкружуваат овде и сега.
Кураторката Мелоди Робин истакна: „Таа папочна врвца ја повикува публиката да ја допре, да влезе во неа, да биде заробена во јазлите од нежност, насилство и препуштање.“ Исплетените врвци ја носат тежината на историската улога на жените како ткајачки на животот на овој свет.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 300, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.9.2025)