Учесници во симпозиумскиот дел што се одржа во амфитеатарот на ИМЈ „Крсте Мисирков“ во Скопје

Културната рута за Светите Кирил и Методиј ги вмрежува државите во Европа

Меѓународната конференција „Европската рута на Светите Кирил и Методиј во културното наследство на Скопје и Скопско“ во организација на Институтот за македонска литература при УКИМ на 8 и 9 октомври се одржа во Скопје.

Институтот за македонска литература при УКИМ во Скопје и Институтот за старословенска култура во Прилеп се членки на „Европската културна рута на Светите Кирил и Методиј“ од декември 2023 година. Годинава како рамноправни членки, заедно со институции од Чешка, Словачка, Словенија, Хрватска, Унгарија, Италија, Бугарија, Македонија и Грција, Институтот за македонска литература при УКИМ на 8 и 9 октомври го организираше научниот симпозиум „Европската рута на Светите Кирил и Методиј во културното наследство на Скопје и Скопско“, поддржан од Министерството за култура и туризам на Северна Македонија.

На симпозиумот учествуваа главниот проект-менаџер од Злин, Чешка Република, Мартина Јанохова, повеќе угледни професори, директори и декани од универзитетите во Словачка, научници од Кирилометодиевскиот институт во Софија, меѓу кои директорката проф. Славиа Барлиева, како и домашни научници од Институтот за македонска литература (организатор на конференцијата) и од Институтот за старословенска култура (Прилеп).

Поздравен говор на отворањето на симпозиумот одржаа проф. д-р Наташа Аврамовска, директорка на Институтот за македонска литература при УКИМ, Викторија Трајков, заменик-министер во Министерството за Европски прашања, проф. Александар Скепаровски, проректор за меѓународна соработка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Весела Честоева, директорка на Управата за заштита на културното наследство, и Н.Е. Хенрик Маркуш, амбасадор на Република Словачка во Република Северна Македонија.

Конференцијата беше надополнета со извонредни фотографии од изложбата „По трагите на Светите Кирил и Методиј“, од авторот Павол Демеш, поранешен министер за надворешни работи на Р Словачка, а во организација на Словачката амбасада во Скопје, Институтот за македонска литература и Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

Програмата „Културни рути“ ја започна Советот на Европа (во рамките на Генералниот директорат за демократија) во 1987 година со Декларацијата за Сантјаго де Компостела. Културните рути на Советот на Европа се замислени како покана за откривање и споделување на богатото и разнолико културно наследство на Европа, а имаат за цел да ги поврзат луѓето и различните локации преку мрежите на споделена историја и културно наследство. Една од нив е и „Европската културна рута на Светите Кирил и Методиј“.

Во 2023 година, Советот на Европа има 47 земји-членки, од кои 38 ја поддржуваат Програмата на културните рути. РС Македонија кон програмата се вклучува од 2022 година. Активни се 47 сертифицирани културни рути на Советот на Европа кои покриваат различни теми од европската меморија, историја и наследство.

Преку програмата за културни рути Советот на Европа нуди модел за менаџмент на културата и туризмот. Проектот „Европската културна рута на Светите Кирил и Методиј“ е воспоставен во 2013 година и е сертифициран со лиценца од Советот на Европа.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 251, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-13.10.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот