
Кулеба вели дека Украина не чувствува притисок да започне мировни преговори
Шефот на украинската дипломатија, Дмитро Кулеба, на дискусијата на Светскиот економски форум во Давос заедно со полскиот претседател Анджеј Дуда, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, унгарската претседателка Каталин Новак и претставничката на белоруската опозиција Светлана Тихановскаја изјави дека не слушнал ниту еден западен функционер, на состаноците или во приватни разговори, да каже дека помошта за Украина ќе престане и дека Киев не чувствува притисок да започне мировни преговори.
Препорачано
„Оваа година целта е да ја исфрлиме Русија од небото, бидејќи кој го контролира небото ќе ја добие војната“, додаде Кулеба.
Унгарската претседателка рече дека треба да се разговара за заморот од војната.
„Мораме да ставиме до знаење дека Русија ја премина границата и дека не може да победи во таа војна, рече Новак.

Тихановскаја истакна дека судбината на Белорусија е поврзана со Украина, поради што победата на Киев е исклучително важна за нејзината земја.
„Без слободна Украина, нема слободна Белорусија“, изјави таа, додавајќи дека белорускиот претседател Александар Лукашенко моментално е во многу „кревка“ позиција во која ја изгубил поддршката од населението, па затоа зависи на помош на Москва.
Полскиот претседател Дуда рече дека, иако не е „политички коректно да се каже, Полска се чувствува уморна од војната во Украина“. Сепак, тој додаде дека Варшава ќе продолжи да помага.
„Европската унија мора да ги зајакне своите одбранбени капацитети. Ова е нешто што мислам дека сите го разбравме и за кое сите бевме јасно ангажирани“, рече хрватскиот премиер Пленковиќ.