Кукавичка надворешна политика

денко малески
Професор Денко Малески, Фото: Слободен печат/Архива

А тоа Македонија вечна, Македонците – пиреј, Македонија ваква или онаква, дека нема попуштање, само исправена кичма, и целиот национален пропаганден арсенал, тоа е за по дома и нема врска со реалната позиција на една мала држава во светската политика. Со еден збор, тоа е лага. И клише познато во литературата за меѓународната политика пред избори кое гласи: што поголем е отпорот кон надвор, тоа посилен аплаузот дома.

Дебата во партијата ВМРО-ДПМНЕ насловена „Дипломатски хоризонти“ беше под мотото: Доаѓа крај на попустливата политика на Македонија.
Зборовите ме вратија назад во 1992 година, кога на една пауза, слушам како член на владата им вели на соговорниците собрани околу него: „Македонија води кукавичка надворешна политика!“. Оттогаш, од самите почетоци, трае оваа борба помеѓу „хероите“ и „кукавиците“. И прашањето е исто: до кога Македонија ќе попушта?
Јас како министер за надворешни работи, кому му беше упатена критика за кукавичлук, во истиот момент, направив една пародија. Се согласив со критичарот и предложив да организираме воени маневри на границите на Грција, а потоа да ѝ воведеме економска блокада. Тоа, се разбира, предизвика смеа зашто немавме ниту армија ниту економија. Сè што имавме беше дипломатија, и тоа само на хартија, зашто дипломатска мрежа допрва ќе се создаваше, како впрочем и армија.
Во моменти на ентузијазам и големи очекувања, не сакав да ја спомнам максимата на Фредерик Великиот, кралот на Прусија (1740-86), дека дипломатија без оружје е како оркестар без инструменти.
И да им објаснам на критичарите дека, на тие почетоци од независноста, ние правевме „дипломатска музика“, свиркајќи со уста додека не помодревме во лицата. А тоа Македонија вечна, Македонците – пиреј, Македонија ваква или онаква, дека нема попуштање, само исправена кичма, и целиот национален пропаганден арсенал, тоа е за по дома и нема врска со реалната позиција на една мала држава во светската политика. Со еден збор, тоа е лага. И клише познато во литературата за меѓународната политика пред избори кое гласи: што поголем е отпорот кон надвор, тоа посилен аплаузот дома. Но, оваа практика на собирање гласови многу бргу ќе се судри со законите на меѓународната политика кои се одлучувачки за исходот: интересите, влијанието, моќта.
Полноправното членство во ЕУ е основниот приоритет на партијата, но ставот кон Бугарија е јасен – нема да има уставни измени во постојните политички услови. Ама, едното го исклучува другото: без промена на Уставот нема продолжување на преговорите со ЕУ. Тоа, пак, значи дека нема ништо од „основниот приоритет на партијата“ во нејзиниот мандат.
Зарем сите заборавиле дека четврт век викавме дека сме за ЕУ, ама не го менуваме уставното име? И не разбравме дека едното го исклучува другото? Дека без компромис за името нема НАТО, како што без „француски предлог“ денес нема ЕУ?
Натаму. Одложената примена на уставните измени е една легитимна алтернатива која ја нуди ВМРО-ДПМНЕ. Ние можеме да нудиме што сакаме. Прашањето е дали е тоа прифатливо за оние на кои им го нудиме одложеното членство.
Вашингтон и Брисел, со личен ангажман на францускиот претседател Макрон, произведоа документ со кој се суспендира бугарското вето и се обврзува Македонија, во согласност со Копенхашките критериуми за права на малцинските заедници – да се внесат и Бугарите во Уставот. Партијата вели дека „во сегашниве политички услови“ нема да има уставни промени за да се внесат Бугарите во Уставот, но „во сегашниве политички услови“ во светската политика, нема шанса темата Македонија да се најде на бирото на Макрон, Шолц или Бајден. Зашто оние неколкуте исклучително важни теми за Франција, Германија и Америка, плод на ригорозна селекција на армија службеници на нивните министерства, секое сабајле се ставаат на нивните бироа. Сериозно мислите дека нашиот проблем со Гоце Делчев е меѓу тие теми?
Нашите преговори со ЕУ се во дупка. Американците велат: ако си во дупка, престани да копаш. Метафора која сака да каже: ако си во лоша ситуација, немој самиот да си ја правиш ситуацијата полоша.
Мислам дека партијата која е убедена дека ќе формира влада, сака да продолжи да копа.

Либертас

(Авторот е професор и прв министер за надворешни работи)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот