
КСС: Како да биде ефикасна администрацијата кога 40.000 вработени земаат минимална плата
Во 2017 година кога минималната плата во државата била 10.000 денари, најниската плата во администрацијата била 12.188 денари, а сега кога е 15.200 денари минималната плата и кога за некој ден ќе стане 18.000 денари, најниската плата во администрацијата е 12.848 денари
Од вкупно 80.000 вработени кои земаат минимална плата, анализите на Конфедерацијата на слободни синдикати покажуваат дека половина од нив, односно околу 40.000 вработени со, или под „минималец“, се од државната администрација.
Препорачано
Оттаму уште еднаш алармираа дека ако во најбрзо време не видат волја кај Владата за скалесто зголемување на платите во јавниот сектор, како усогласување со растот на минималната плата, тие на 15 март ќе излезат на генерален штрајк.
– Бараме усогласување на платите со колективните договори и усогласување на платите во јавниор сектор. Најголемите приматели на минималната плата, во мометов се во јавниот сектор. Нашите анализи покажа дека половина од тие што земаат минимална или под минимална плата се во јавниот сектор, а со покачувањето на минималната плата на 18.000 денари, тој процент ќе биде 60. Затоа, повикуваме на разум – рече Благоја Ралпковски, претседател на Конфедерација на слободни синдикати.
Тој објасни дека усогласувањето треба да се врши по коефициентите за сложеност на работното место и дека тоа требало да се врши и досега, затоа што со секое зголемување на минималната плата, според регулативата следи скалесто зголемување на другите плати, но тоа не било правено, односно државата ги кршела законите.
– Денеска имавме една презентација што сакавме да и ја покажеме на Владата. Според неа, во 2017 година кога минималната плата во државата била 10.000 денари, најниската плата во администрацијата била 12.188 денари, а сега кога е 15.200 денари минималната плата и кога за некој ден ќе стане 18.000 денари, најниската плата во администрацијата е 12.848 денари. Со такви плата за каква ефикасна администрација да зборуваме –рече Ралпковски.
Претседателот на Синдикат на полиција, Орце Коцевски пак, рече дека „се срами да каже, но мора да изјави дека минималната плата што сега ќе ја дава Владата е за 2.000 до 3.000 денари поголема од основната плата на полицискиот службеник“.
– Министерот пред Нова година вети покачување на платите од 5 проценти, но сега никаде го нема, веројатно мисли тоа покачување да го направи во декември 2022 – револтирано кажа Коцевски.
Универзитетскиот професор Лазар Јовевски потенцираше дека клучот за скалестото зголемување на платите е кај еден социјален партнер, а тоа е Владата.
-Владата треба да влезе во реален, издржан дијалог со синдикатите и со работодавачите за зголемување на платите за сите групи и подгрупи на вработени, во сите сектори во нашата земјата. Така, не само што ќе се добијат позитивни ефекти за сите вработени, туку и ќе се почитуваат законите и колективните договори што воопшто и не се дискутира во една правна држава и во еден систем каде што зборуваме за владеење на правото – рече Јовесвки.