Криза на либерализмот или триумф на авторитаризмот

Методи Хаџи-Јанев / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Она што буди внимание, но и трепет, е прашањето што логично се наметнува, за кого тоа се подготвува Русија ако ситуацијата на теренот веќе е јасна дека Русија, секако не по терк на западната воена мудрост, туку по нејзината воена логика, меле на теренот во Украина? Има ли потреба таа подготовка да биде за цела Украина или, пак, е за евентуален директен судир со западните сили и НАТО?

Атентатот на Фицо во Словачка е терористички чин. Или можеби не, треба да видиме како квазилибералите ќе решат. Битно неделата зад нас – бурна! Во исто време откако Блинкен покрај сите критики во духот на дипломатијата се обиде да го убеди Кси да не ѝ помага на Русија, овој како намерно во новиот договор со Путин ја крена соработката на сто. Тоа и војната во Украина се сериозна причина за загриженост како понатаму.
Полскиот генерал, поранешен заменик-министер за одбрана Валдемар Шипчак има став за војната во Украина што нема да им се допадне на многумина, ама од малку поинаква позиција од онаа што ја имаше – според него, најголемата катастрофа што може да ѝ се случи на Украина е продолжувањето на конфликтот. Тој смета дека ниту една помош од Запад нема да ѝ помогне на Украина да ја победи Русија. Генералот е со став и дека „ниту милион тенкови“ нема да му помогнат на Киев да го надомести недостигот од персонал и да ги постигне нереалните цели за враќање на територијата. Можеби и има вистина во дел од тезата, ама за тоа, малку подолу.
Одлуката на ЕУ за новиот пристап на засилување на солидарноста, а и прераспределба на мигрантите веќе се споделува на социјалните мрежи со интерпретација дека се криминализира секоја политика што ќе се спротивстави на мигрантите. Троловите отидоа и понатаму, па стари видеа во кои некои легалисти заговараа криминализација на реториката против миграцијата се даваат како нови.
Франција со нова главоболка. Мораше да распореди своја војска за да го задуши бунтот на пацифичкиот остров Нова Каледонија, кој е во близина на Австралија!
Во Грузија состојбата се електризира. Либерална Европа смета дека има право да се меша внатре во Грузија и да застане на страната на претседателката, која е со француско потекло, да стави вето на прорускиот закон. Дел од министрите и водството на балтичките земји, меѓу кои и министерот за надворешни работи на Латвија Габриелиус Ламдсбергис, директно чекореа и ги охрабруваа Грузијците што протестираат во сè помасивен број.
Ако мислевте дека кризата на либерализмот е дотука, се лажете. Покрај тоа што пактот помеѓу Кина и Русија станува поцврст и без лимит, Орбан го дозакопа западниот свет и „хегемонијата на либерализмот“.

Во еден од неговите последни говори во кои го критикува либерализмот и западниот хегемонизам, Орбан подвлече дека „оваа година ќе може да се стави крај на ерата на западната цивилизација, да се стави крај на светскиот поредок, заснован на либерална хегемонија“. Според него, прогресивниот либерален светски дух пропадна. Донесе војни, хаос и неред, економски колапс и конфузија на светот. Според Орбан, на луѓето им здодеа да ги гледа претставниците на овој либерален дух каде и да се појавија.
Ќе одиме по ред, но најмногу ќе се задржиме на развојот на настаните во Украина и иманентниот страв и опасност што доаѓа за Европа со разместувањето во Русија и зајакнатите односи со Кина, по посетата на Путин. Квазилибералните елити како да го загубија чувството, па во ек на терористички чин релативизираа до максимум, објаснувајќи дека ако писател, човекот што го изврши обидот за атентат на премиерот на Словачка се дрзнал да напаѓа претседател на влада, ситуацијата во земјата е крајно очајна.

Прво, за да не биде нејасно, човекот може и да е свети писател, ако извршил терористички акт, тој е терорист. Класификацијата во класична смисла на зборот вели дека е политички мотивиран атентатор што би се врамил во домашен, внатрешен тероризам. Да, точно дека ова е класичен тероризам и дека Европа го подзаборави, но не се секирајте, тука е и сè уште е можен. Дали приказните за тоа дека е ова поголема конспирација се точни, засега нема да ги коментираме Едноставно, Словачка беше цел на напад од тероризам. Толку за тоа.
Сериозен проблем што го тресе либерализмот е зајакнувањето на сојузот меѓу Кина и Русија. Заедничкото соопштение што двајцата лидери на Кина и Русија го објавија имаше цел да проектира дека „статусот и силата на новите големи земји и региони во „глобалниот југ“ континуирано се зголемуваат“, и дека „трендот на светска мултиполарност се забрзува“. Ова за возврат „ја забрзува прераспределбата на потенцијалот за развој, ресурсите и можностите во насока поволна за пазарите во развој и за земјите во развој, промовирајќи ја демократизацијата на меѓународните односи и меѓународната правичност и правда“. Според нив, земјите што се придржуваат до хегемонизмот и политиката на моќ се спротивни на овој тренд, обидувајќи се да го заменат и да го срушат меѓународниот поредок заснован на меѓународното право, со таканаречен „поредок заснован на правила“. Безбедносно, во соопштението се вели дека „двете страни веруваат дека судбината на народите на сите земји е меѓусебно поврзана и ниту една земја не треба да ја бара сопствената безбедност на сметка на безбедноста на другите“. Колку тоа тие го почитуваат е друга работа. Двете страни во соопштението изразуваат загриженост за сегашните меѓународни и регионални безбедносни предизвици и посочуваат дека „во актуелниот геополитички контекст е неопходно да се истражи воспоставувањето одржлив безбедносен систем во евроазискиот простор, заснован на принципот на еднаква и неделива безбедност“.

Лидерите на двете земји во заедничкиот извештај понатаму велат дека Кина и Русија „целосно ќе го искористат потенцијалот на билатералните односи“ со цел „да го промовираат остварувањето еднаков и уреден мултиполарен свет и демократизацијата на меѓународните односи и да соберат сила да изградат праведен и разумен мултиполарен свет“.
Во својот дил Русија и Кина многу слично како и Западот отворено се спротивставуваат на каква било доминација со која се креира монопол на содржината и на принципите на меѓународното право. Пред повеќе од една година предочивме за почетоците на преструктуирањето на руската индустрија за оружје и плановите за решавање на нејзините тесни грла. Интересно е тоа што други, вклучително и важни тинк-тенкови, зборуваа за колапс на руската индустрија, покажувајќи тотален недостаток на знаење за тоа што навистина се случува зад фронтот. Истовремено, земајќи ја целата ситуација превид се поставува прашањето, зошто токму Андреј Белоусов ја презеде функцијата нов руски министер за одбрана? Зошто да се назначи цивилен економист за министер за одбрана за време на војна? Одговорите на овие прашања најверојатно доаѓаат токму затоа што човекот не може да се смета само за цивилен економист. Тој беше одговорен за иновативни сектори поврзани со руската воена индустрија, какви што се интегративните контроли со вештачка интелигенција и хиперсоничните возила, меѓу другите технологии.
Во текот на последните 18 месеци, Русите инвестираа во модернизација и проширување на нивната воена индустрија. Денес секоја руска фабрика за трактори е вклучена во воено производство, додека производството на муниција во истражувачките институти значително порасна, што укажува на неопходна интеграција на овие структури во воените синџири. Ова веројатно можеме да го наречеме тивка транзиција кон воена економија, која бара поинаков вид лидер за овие проекти.

Зборуваме за некој што е способен да ги прераспредели буџетите за поддршка на новите воени производни линии, како што се моторите, поправките и цивилните структури, како и да ја интегрира логистиката и, што е најважно, да ги поттикнува иновациите. За разлика од либералните лидери што се во занос, не сите, ама добар дел од нив, со новите смени во Русија можеме да очекуваме зголемување на новите технологии како беспилотни летала, електронско војување и паметни бомби. Не станува збор само за масовна подготовка на Русија за долга војна, туку и за подобрување на ефикасноста на синџирите на снабдување и за инкорпорирање на иновациите.
Сепак, она што буди внимание, но и трепет, е прашањето што логично се наметнува, за кого тоа се подготвува Русија, ако ситуацијата на теренот веќе е јасна дека Русија, секако не по терк на западната воена мудрост, туку по нејзината воена логика, меле на теренот во Украина. Има ли потреба таа подготовка да биде за цела Украина или, пак, е за евентуален директен судир со западните сили и НАТО? Тоа што исто така боде во очи е прашањето дали западните политичари и воени лидери го игнорираат овој факт и имаат ли план Б или едноставно не го гледаат, или пак има нешто трето. Додека Русите работеа на проширувањето на нивните производни линии и одржувањето на нивните трошоци, западните компании користеа поинаква стратегија. Некои западни компании направија огромни аквизиции, но исто така значително ги зголемија трошоците за производството, со цел високи придобивки (читај профит) од владините нарачки. Неодамна, извршниот директор на Рајнметал изјави дека е подготвен да прима нови нарачки за муниција. Но, испушти да ги спомене трошоците и времето за испорака. Следен проблем и разлика во трансформацијата која Русите ја направија се темели на фактот што додека Русите работеа на воспоставување одржливи синџири на снабдување за да ја добијат војната, Западот се потпираше на компании што буквално ги рекетираа владите што беа фатени на спиење и не ги слушаа своите разузнавачи за она што допрва доаѓа. Трошоците за оружје за Украина онака како што се поставени се неодржливи. Тука мислиме на муниција, возила и други материјално технички средства и опрема, која додека да стигне во Украина добива хиперзаработки на основната цена што се испумпува во превозот, испораката и монополот горе-долу на пазарот. Единствената добра вест на ова поле се американските возила „бредли“, кои можат да се испраќаат во Украина по ниска цена и во голем број.
Очигледно, во игра се два различни модели со кои Западот може и со кои најверојатно пристапува. Прво, пристап што има цел високи профити од војната и второ, пристап што, и покрај сите критики, работи на победа во војната.
Сè на сè, би заклучиле дека се направени низа грешки, а тоа ќе бара огромен напор да се промени рамнотежата на оваа војна – нешто што се помалку има изгледи дека ќе се случи. На тој начин покрај стратегиско либералната демократија, има криза и во операционализацијата, бидејќи предизвикувачите се далеку поприлагодливи на новите современи текови со кои се оформува новиот светски поредок.

(Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот