Поранешниот директор на владината СОЗР, Пеце Мирчески / фото: Влада на РСМ

Кривична пријава против ексдиректорот на СОЗР Мирчески, се товари за четири дела

Управата за финансиска полиција (УФП) соопшти дека до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поднела кривична пријава против поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) на Владата, Пеце Мирчески, кој е осомничен за четири кривични дела: примање поткуп, фалсификување службена исправа, проневера во службата и несовесно работење во службата. Пријавата е и против сопственик на фирма од Скопје, за сторено кривично дело давање поткуп.

„Првопријавениот П.М, во својство на службено лице – директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија, во периодот од 09.06.2021 година заклучно со 13.06.2024 година, свесно и со умисла, извршил службени дејствија кои што не смеел да ги изврши и потпишал пет договори за јавни набавки со правен субјект од Скопје, во сопственост и управуван од страна на второпријавениот Г.П, a притоа не го пријавил постоењето на судир на интереси, не се изземал од истите постапки за јавни набавки и во текот на целиот тој период, а и по престанувањето на функцијата директор, остварувал директна материјална корист за себе и за свое блиско лице од правниот субјект во сопственост и управуван од страна на второпријавениот Г.П., и со таквиот начин на постапување првопријавениот го сторил кривичното дело примање поткуп по член 357 став 1 и став 3 од Кривичниот Законик на Република Македонија, а второпријавениот го сторил кривичното дело давање поткуп по член 358 став 1 од Кривичниот Законик на Република Македонија“, се вели во соопштението од Управата за финансиска полиција (УФП).

Дополнително, наведуваат од Финансиската полиција, Мирчески „свесно и со умисла во вкупно пет службени исправи – изјави за непостоење судир на интереси во постапките за претходно наведените јавни набавки, внесувал лажни и невистинити податоци и истите со свој потпис овозможил да бидат употребени како вистинити и со таквиот начин на постапување првопријавениот го сторил кривичното дело фалсификување службена исправа.

„Првопријавениот П.М, во својство на директор на Службата за општи и заеднички работи, во период од 1 јануари 2022 заклучно со 13 јуни 2024 година, во повеќе наврати, прикажувајќи невистинити податоци дека се работи за службени патувања за службени потреби и цели, потпишувал барања за резервација на хотелско сместување, барања за резервација на авиобилети, решенија за упатување на службен пат во странство и налози за службен пат во странство и со тоа овозможил лично за себе и за други лица вработени во Службата да се стекнат со имотна корист во вид на хотелски сместувања, авио билети за реализирани патувања, изнајмување на рент а кар возила за приватни потреби и цели како и исплатени дневници за службени патувања во вкупен износ од 1.792.859 денари, за кој износ го оштетил Буџетот на Службата за општи и заеднички работи на Владата и го сторил кривичното дело проневера во службата, велат од Финансиската полиција.

Според пријавата, Мирчевски исто така, во својство на директор на Службата за општи и заеднички работи и во својство на одговорен менаџер на Авиослужбата при СОЗР иако знаел и бил свесен, а од 27 октомври 2023 година и запознаен со фактот дека едно лице вработено како пилот, не ги исполнувало условите за капетан-водач на воздухоплов, со несовесното вршење на своите овластувања и должности, овозможил на истото лице во периодот од 27 октомври 2023 заклучно со 14 јуни 2024 година од СОЗР да му биде исплаќан месечен надоместок по основ на плата во својство на капетан- водач на воздухоплов, на кој начин првопријавениот овозможил лицето да се стекне со имотна корист во вкупен износ од 3.444.615 денари, а на штета на Буџетот и со таквиот начин на постапување првопријавениот го сторил кривичното дело несовесно работење во службата, информираат од Управата за финансиска полиција.

Претреси за примање и давање поткуп поврзани со Пеце Мирчески

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот