Пожар Визбегово / Фото Портали Икс
Пожар на депонија во Визбегово / Фото: „Портал Икс“

Кривична пријава против сопствениците на депонијата која изгоре во Визбегово

Сопствениците на дивата депонија која изгоре пред три недели во скопското село Визбегово, ќе одговараат за загрозување на животната средина и природата со отпад од член 230 од Кривичниот законик.

По преземените дејствија, по наредба на јавен обвинител, полицијата денеска поднесе кривична пријава против сопственичката, Маја Каранакова и против неформалниот сопственик на правното лице од Шуто Оризари, Александар Николчев. Двајцата претходно беа осудени на условна казна поради нападот врз новинарот и снимателот на телевизијата „Алсат“.

„Тие подолг временски период, спротивно на законските одредби од Законот за управување со отпад и спротивно на прописите за заштита на животната средина, складирале поголемо количество отпадно железо, електронски отпад, делови од стари автомобили, шасии од стари отпадни возила и друго на локација за која немале соодветна дозвола за управување со отпад.

На 9 јули, на локацијата бил предизвикан неконтролиран пожар на целата маса од складираниот отпаден материјал, а поради обемот и опасноста пожарот не можел веднаш да биде ставен под контрола. При согорувањето на отпадниот материјал биле испуштени чад, пепел и штетни гасови во амбиенталниот воздух и била предизвикана опасност за животот и здравјето на луѓето од поголеми размери.

„По барање на јавниот обвинител, непосредно по настанот, Единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана на Армијата изврши мерења и детекција на хемиска и токсична индустриска контаминација при што утврди зголемено ниво на загадување. Во текот на предистражната постапка, Единицата за економски и компјутерски криминал на СВР Скопје веќе презеде голем број дејствија по наредба на јавниот обвинител, кои вклучуваат обезбедување на целокупната документација за работата на правниот субјект и на други докази. Вонреден инспекциски надзор на локацијата изврши и Државниот инспекторат за животна средина, при што беа констатирани неправилностите во работата и записникот беше доставен до обвинителството. Надлежниот јавен обвинител во следниот период ќе продолжи да презема дејствија, при што ќе изврши распити на повеќе лица и ќе нареди соодветно вештачење за целосно испитување на настанот“, велат од Обвинителството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот