
Кривичен ги отфрли барањата за амнестија на обвинетите за „Организатори на 27 април“
Барањата на Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски, Миле Ристовски и Владимир Атанасовски за амнестија за случајот „Организатори на 27 април“ на денешното рочиште во Основниот кривичен суд беа отфрлени како неосновани. Со оглед дека обвинетите имаат право на жалба на одлуките, судењето се одложува за 6 јули 2023 година.
Препорачано
Се одбива како неосновано барањето за амнестија, бидејќи не се исполнети условите од член 1, став 2, алинеја еден и два од Закон за амнестија – изјави претседателот на Судечкиот совет, судијата Илија Трпков.
Судот, на почетокот информираше дека го добил мислењето на Јавниот обвинител, дека обвинетите не се лица кои ги опфаќа Законот за амнестија и дека во оваа фаза не постои правна можност Судот да одлучува по амнестијата.
Адвокатот Еленко Миланов, во однос на мислењето на јавниот обвинител, наведе дека не го ограничува Судот да донесе решение со кое ќе ја запре постапката согласно одредбите од Законот за амнестија од 2018 година, со што примената на институтот амнестија не е врзан само во делот со одлучување на пресуда.
Случајот го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Трајче Пеливанов.
Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.
Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.
Апелацискиот суд во април годинава ја укина првостепената пресуда од јули 2021 година, со која Вељаноски беше осуден на шест и пол години затвор, екс-министрите Јанакиески и Ристовски добија казна од 6 години и три месеци затвор, додека поранешниот директор на УБК Атанасовски шест години затвор, и предметот го врати на повторно судење.
Од Скопска апелација, во соопштението до медиумите, „информира дека при разгледување на првостепената пресуда оцени дека при постапувањето по овој кривичен предмет сторени се суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка од член 415 став 1 точка 11 и став 3 од Законот за кривичната постапка, кои придонеле првостепениот суд да не биде во можност правилно да го примени материјалното право”.