Краткиот игран филм „Еко-скоп“ на Коле Манев беше прикажан во Кинотеката

Во Кинотеката на 5 април премиерно беше прикажан краткиот игран филм „Еко-скоп“ на еден од најеминентните македонски сликари, како и филмски и телевизиски творец, Коле Манев. Филмот е реализиран со сопствени средства и во приватна продукција. Сценариото, режијата и камерата се на Манев, во филмот настапува актерот Александар Шехтански, а монтажата е на Горан Цветковиќ.

„Тематската рамка на кусиот игран филм на Манев е философијата на базичната човекова егзистенција сместена во собирањето картонски отпад, расфрлан низ градот, како и сиот цивилизациски отпадок на еко-неосвестените“, вели професорката Татјана Алексиќ.

Филмот „Еко-скоп“ го прикажува секојдневието на еден собирач на картонски отпад во Скопје. Колажот од слики е придружен со звуците на окарината на Драган Даутовски, кој свиреше на копија од овој прастар инструмент и на премиерата.

„Преку еден лик и една повторлива ситуација низ призма на четирите годишни времиња, со мајсторски вметнати ликовни елементи, објективот на камерата го прикажува макрокосмосот преку микрокосмосот на секојдневието на еден сизифовски упорен човек и неговиот катадневен живот. Таму каде што секој гледа отпадок, тој гледа егзистенција“, рече професорката Татјана Алексиќ, како промотор на премиерата на филмот, додавајќи: „Синестезија од сите сетила се активира преку симбиоза на скопската архитектура, звуците од окарината на маестро Даутовски, убедливата актерска игра на актерот Шехтански, прецизната монтажа на Горан Цветковиќ, продуцентската динамика на Александар Сидоровски, инспирирано од хиперсензибилното око на сестраниот, мултидимензијален уметник Коле Манев“.

Манев е роден во 1941 година во Бапчор, Костурско. По студирањето на ликовната академија во Белград престојува во Париз, потоа и во Прага, каде што посетува предавања за анимиран филм. Има изложувано на повеќе самостојни и групни изложби во Македонија и во странство, а добитник е на голем број меѓународни награди и признанија за филм и за сликарство. Сценарист и режисер е на долгометражниот документарец „Тулгеш“ од 1977, краткиот документарец „Црно во црно“ од 1984, телевизискиот филм „Мост“ од 2006, како и други телевизиски остварувања. Минатата година, Управниот одбор на Кинотеката му ја додели наградата „Златен објектив“ за неговиот придонес во македонската кинематографија.

Инаку, заедно со „Баскет“ на Димитар Банов, „Еко-скоп“ е една од двете премиери во априлската програма на Кинотеката, во која ќе може да се погледнат и некои контроверзни филмови, како што се „Најубавото момче на светот“ (2021) според сценарио и режија на Кристина Линдстром и Кристијан Петриод, „Квадратот“ од 2017 на шведскиот автор Рубен Остлунд, „Со среќа дупење или улаво порно“ од 2021 на Раду Јуде, „Меморија“ од 2021 на Апичатпонг Верасетакул, како и „Не е лошо да се биде човек“ на Душан Ковачевиќ од 2021 година.

Со проекција месецов се одбележуваат и 100-годишнината од снимањето на филмот „Носферату, симфонија на стравот“ од 1922 на Фридрих Вилхелм Мурнау и стогодишнината од раѓањето на контроверзниот италијански автор Пјер Паоло Пазолини, со проекцијата на неговиот „Медеја“ од 1969. Меѓу другите наслови се и „Синот на Саул“ од 2015 на унгарецот Ласло Немеш, „Кво вадис, Аида?“ од 2020 на Јасмила Жбаниќ и „Мирно лето“ од 1961 на Димитрие Османли.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот