
Кралскиот пар го помина летото во Грција со своите деца, но цело време се криеле на луксузна јахта
Жителите на Кефалонија, познати по своето будно око и љубопитност, ова лето имаа посебна тема за разговор – одморот на принцот и принцезата од Велс со нивните три деца. Иако ретко нешто им бега од вниманието, деталите од престојот на кралското семејство останаа долго мистерија.
Препорачано
Причината е што принцот Вилијам и принцезата Кејт, заедно со Џорџ (12), Шарлот (10) и Луис (7), најголемиот дел од времето го поминале на суперјахта. На копно стапнале само при пристигнувањето и заминувањето, па нивните појавувања биле речиси недостижни за љубопитните очи. Сепак, малкуте средби локалните жители ги опишуваат во најсветли тонови – некои дури ги опишале како „бајка“.
Главното прашање што ја возбудуваше јавноста беше: чија е јахтата на која отпловија кралските? На островот препознавањето на луксузните пловила е речиси спорт, а мештаните без мака ги идентификуваат јахтите на светски богаташи како Мајкл Џордан и Бил Гејтс. Но, овојпат трагањето беше многу покомплицирано.
Се шпекулираше дека станува збор за мегајахта вредна 340 милиони фунти во сопственост на член од кралското семејство на Обединетите Арапски Емирати, па потоа за 90-метарска јахта на поранешен директор на „Мајкрософт“. Двете верзии паднаа во вода.
Дури и изјавата на една пензионирана државна службеничка, која тврдеше дека ја видела Кејт на јахтата „Алмакс“, звучеше уверливо бидејќи станува збор за суперјахта со погон на горивни ќелии. Но и таа приказна брзо се урна кога „Алмакс“ се појави во Аргостоли со сосема други гости на палубата.
Конечно, според порталот „Кефалонија прес“, мистеријата е решена: принцот Вилијам, принцезата Кејт и нивните деца летото го минале на јахтата „Лејди Беатрис“.
Ова пловило долго 60 метри некогаш беше во сопственост на браќата сер Фредерик и сер Дејвид Баркли, поранешни газди на медиумска група. Името го носи по нивната мајка, а ентериерот е декориран во впечатлив стил со пругасти софи, украсни грчки столбови и ренесансни фрески на таванот на трпезаријата.
Јахтата има капацитет за 16 гости во посебни апартмани, пространи трпезарии на две палуби и базен на горната палуба – совршено за кралски одмор.
Оваа година во британските медиуми беше објавено дека сер Фредерик ја продал „Лејди Беатрис“ за околу 20 милиони фунти на финансискарот и претприемач Питер Дубенс. Новиот сопственик, 58-годишен основач на инвестициска компанија и претседател на издавачка група, не е познато име за јавноста, иако припаѓа во кругот на најбогатите Британци.
Интересно е што Дубенс ја започнал кариерата како возач на милијардерот Џо Луис, некогашен сопственик на „Тотенхем“.
Со откривањето на идентитетот на јахтата и сопственикот, конечно завршија сите шпекулации околу кралскиот одмор на Кефалонија – одмор кој помина во речиси целосна приватност, и покрај огромниот интерес на јавноста и медиумите.