
Кралот на ромската музика живеел на небото, а работел на земјата
Македонската премиера на документарниот филм „Шабан Бајрамовиќ: Моето патување“ на режисерот Жељко Мирковиќ се одржа на 10 април во „Синеплекс“ во Скопје, каде филмот веќе е поставен на редовниот кинорепертоар.
Препорачано
Документарниот филм „Шабан Бајрамовиќ: Моето Патување“ е длабоко човечка и инспиративна приказна за едно момче кое израснува во сиромашен ромски кварт во Ниш, Србија, а воден од страста кон музиката го освојува светот. Филмот достоинствено го претставува животот на пејачот на ромска музика Шабан Бајрамовиќ (1936 – 2008) како патување кон слободата – со сите негови предизвици, страсти, пороци и триумфи.
Светската премиера на филмот се одржа на „Нишвил џез-фестивал“ во август 2024 година. Веднаш по премиерата, филмот започна да ја освојува публиката и критиката на бројни интернационални филмски фестивали ширум светот, а веќе доби награди во Њујорк (САД), Калкута (Индија) и Кент (Велика Британија). Од 10 април годинава документарецот е достапен на кинорепертоарите во Македонија и во регионот.
Филмот е реализиран во копродукција на „Оптимистик филм“ и „Нишвил џез-фестивал“ со поддршка од Филмскиот центар на Србија и Фондот за отворено општество на Западен Балкан. Сценариото, режијата и продукцијата се на Жељко Мирковиќ, копродуцент е Иван Благојевиќ, а извршен продуцент е Филип Херин. Дистрибутер на филмот е „Константин филм“, а промотивната кампања ја реализира „ТДА Продукција“.

Приказната за патувањето на Шабан Бајрамовиќ почнува со Голи Оток, каде што тој ја издржувал затворската казна која ја добил заради дезертирање од војската на ЈНА. Причина за дезертерството била љубовта кон девојка. Иако бил осуден на три години затвор казната му била зголемена на 5,5 години бидејќи на судијата му кажал: „Не можеш толку да ме осудиш колку што јас можам да издржам“.
Во затворот го основал својот прв џез-оркестар и почнал да пее. На почетокот оркестарот свирел шпански и мексикански мелодии, а по излегувањето од затворот Бајрамовиќ станува бунтовен блузер, се посветува на својот корен и почнува да пее ромска музика со примеси на џез и блуз влијанија.
За животот на Бајрамовиќ во филмот зборуваат негови пријатели, продуценти и музичари, како Горан Бреговиќ, Есма Реџепова, Дарко Рундек, Зоран Предин. Сите тие истакнуваат дека тој пеел за своја душа, дека слободата ја сакал повеќе од парите и признанијата и дека во вистинската смисла на зборот ја живеел слободата, и на сцената и во животот. Затоа за него се вели дека живеел на небото, а работел на земјата.
Во текот на својот живот компонирал повеќе од 700 песни, снимил 20 албуми и 50 синглови, а настапувал насекаде низ светот. Неговата песна „Џелем, џелем“ е прогласена за химна на Ромите низ целиот свет, а самиот Шабан Бајрамовиќ е прогласен за Крал на ромската музика.
Уште за време на неговиот живот магазинот „Тајм“ го прогласи за еден од 10-те најзначајни блуз-пејачи во светот. Во најзначајниот музеј на блуз-музиката во Њу Орлеанс (САД) е поставена изложба со наслов „Од сиромашен до крал на ромската музика“, каде Бајрамовиќ е сместен во ист простор со великаните на светската музика, како Луј Армстронг, Реј Чарлс и Џејмс Браун.

Шабан Бајрамовиќ бил роден во Ниш, а таму и починал. Затоа филмот ја следи неговата приказна како патувањето на Одисеј, кој го прошетал светот и повторно се вратил дома. Неговото патување е симулирано преку статуетката со неговиот лик, која „Нишвил џез-фестивал“ ја доделува како гран-при награда „Шабан Бајрамовиќ“ за фузија на џезот со други музички правци, а која досега ја добиле голем број светски познати музичари.
Иако никогаш не научил да чита ноти, ниту некогаш имал свој оркестар, бидејќи најчесто пеел по кафеани, кралот на ромската музика оставил длабока трага во светската музика, а филмот на Жељко Мирковиќ успева да открие значаен дел од личноста и страстите на музичкиот крал Шабан Бајрамовиќ.