
„Кралот на хоророт“ го слави својот 75. роденден: Стивен Кинг објави нова книга како подарок за своите читатели
„Кралот на хорор приказните“, Стивен Кинг денеска го слави својот 75. роденден. Како подарок за своите верни читатели, легендарниот раскажувач ја објави својата нова книга „Бајка“ на почетокот од овој месец.
Препорачано
Кинг е автор на едни од најстрашните хорор-трилери, комбинирани со научна-фантастика. Тој важи за еден од најчитаните писатели на сите времиња, па затоа не изненади фактот дека неговата нова книга „Бајка“ е меѓу најпродаваните наслови во последните неколку недели.
Овој пат, Кинг ни ја претставува приказната за седумнаесетгодишниот Чарли Рид, кој ги наследува клучевите од паралелниот свет, каде беснее војната меѓу доброто и злото. Писателот нѐ води на фантастично патување низ две светови со џиновски канибали, електрични зомби, еден суров владетел и добронамерна принцеза.
View this post on Instagram
Иако книгата изобилува со натприродни суштества, морничави моменти и напнати конфликти, кои читателот го држат во неизвесност сѐ до последната страница, типично за неговите претходни дела, оваа книга се смета дека е една од неговите најтопли приказни. Читателите велат дека Кинг го внел својот шмек во бајката, но и дека е длабока приказна за борбата меѓу доброто и злото, која како тема е безвременска.
Во неговата долгогодишна пишувачка кариера, Кинг има издадено 64 романи, над 200 кратки раскази и над 30 сценарија и адаптации за филм. Во неговата библиографија влегуваат и неколкуте книги што Кинг ги има напишано под псевдонимот Ричард Бахман, како и еден краток расказ, „Петтата четвртина“, на кој е потпишан како Џон Свитен.
Во 2003 година Националната литературна фондација му го додели Медалот за докажан придонес во американската литература.
Рецептот на Стивен Кинг ги шокираше твитерџиите: Ова е хорор, еве зошто си писател, а не готвач