
„Кралицата на кетаминот“ се изјасни за виновна за продажба на смртоносна доза на Метју Пери
Јасвин Санга, позната под прекарот „Кралица на кетаминот“, денеска се изјасни за виновна за продажба на дрогата што довела до смртта на актерот Метју Пери, објави „Гардијан“.
Препорачано
Санга ја смени својата претходна изјава дека е невина и на федералниот суд во Лос Анџелес призна вина, станувајќи петтиот и последен обвинет во случајот кој прифатил нагодба со обвинителството.
Во потпишаната изјава таа се согласи да признае вина за пет федерални обвиненија, меѓу кои и за обезбедување на кетаминот кој довел до смртта на Пери. Нејзиното судење требаше да започне кон крајот на месецот.
„Презема одговорност за своите постапки“, кусо изјави нејзиниот адвокат Марк Герагос кога беше објавена нагодбата на 18 август.
Обвинителите ја опишаа Санга, 42-годишна државјанка на САД и Велика Британија, како познат дилер кој своите клиенти го нарекувал „Кралица на кетаминот“.
Признанието се однесува на едно обвинение за одржување на простории за продажба на дрога, три обвиненија за дистрибуција на кетамин и едно за дистрибуција што резултирала со смрт. За возврат, обвинителите отфрлија три други обвиненија за кетамин и едно за метамфетамин, кое не било поврзано со смртта на актерот.
Таа би можела да добие и до 45 години затвор, но обвинителите најавија дека ќе побараат помала казна. Судот не е врзан да ја следи нагодбата. Сè уште никој од кообвинетите не е осуден.
Санга и д-р Салвадор Пласенсија, кој се изјасни за виновен во јули, биле главни цели на истрагата. Другите тројца обвинети – д-р Марк Чавез, Кенет Ивамаса и Ерик Флеминг – исто така прифатиле нагодби и дале искази против Санга и Пласенсија.
Метју Пери беше пронајден мртов на 28 октомври 2023 година во својот дом во Лос Анџелес од својот асистент Ивамаса. Обдукцијата покажа дека главна причина за смртта бил кетаминот, а актерот во тој период легално го користел лекот преку својот лекар како експериментален третман за депресија.
Сепак, Пери сакал поголеми количини од оние што му биле препишувани и преку својот пријател Флеминг дошол до Санга, од која само четири дена пред смртта купил 25 вијали за 6.000 долари во готово.
На денот на трагедијата, Санга му предложила на Флеминг да ги избришат пораките што си ги испраќале.
На социјалните мрежи Санга претставувала раскошен живот, фотографирајќи се со познати личности и во светски метрополи. Обвинителите, сепак, велат дека таа приватно се претставувала како дилер за „висока класа и славни личности“.
Метју Пери, кој почина на 54 години, со години се бореше со зависноста. Тој стана ѕвезда на генерацијата преку улогата на Чендлер Бинг во легендарната серија „Пријатели“ (Friends), заедно со Џенифер Анистон, Кортни Кокс, Лиса Кудроу, Мет Лебланк и Дејвид Швимер.