Фото: КФСМ

Крај на сонот за Евробаскет: Македонија убедливо загуби во Талин!

Македонската репрезентација одигра едно добро полувреме и тоа не беше доволно за победа во Талин, па Естонија запиша триумф со 84:65 и така ги згасна нашите надежи за пласман на Европското првенство.

Домаќините подобро го отворија натпреварот и во првата четвртина констатно Естонците беа во водство, иако нашиот селектор со право се пожали на грубата игра на домашните кошаркари врз нашите најдобри поединци Ти-Џеј Шортс и Ненад Димитријевиќ.

Токму тие двајца беа и најрасположени и не дозволуваа Естонија да се „одлепи“. По првиот период  Естонија водеше со 22:17.

Стартот од вториот период донесе подобра игра на нашите кошаркари, па така со една тројка на Шортс во 12. минута стигнавме и до израмнување (24-24). Набрзо потоа Шортс беше прецизен и од линијата за слободни фрлања за прво водство на Македонија во натпреварот (24-26).

Во минутите до крајот на првиот двете селекции се менуваа во водството, а на крајот Македонија со забивањето на Маслинко во последните секунди обезбеди водство со 38:39.

За жал добрата игра од тој втор период не успеавме да ја пренесеме и во второто полувреме. Естонците во третиот период ја направија клучната разлика со која подоцна само ја одржуваа. Во оваа третата четвртина Естонците и за првпат поведоа со двоцифрена разлика (58:48).

Македонија во последниот период влезе во осум негатива, но тука веќе стануваше јасно дека нема да можеме да победиме и да ги надополниме оние „плус пет“ на Естонија од Скопје. Така нашите кошаркари како и предвреме да се предадоа, па Естонија на крајот славеше и убедливо.

За три дена Македонија во Скопје ќе игра против Полска во последното коло, но и со победа во тој натпревар нема да имаме шанси за место на Евробаскетот.

Најефикасен во нашите редови беше Шортс со 21 поен и шест асистенции, 20 поени додаде Димитријевиќ,  додека Маслинко ја заврши средбата со 15.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот