Фото: МВР

Крадци пљачкаат во Карпош – граѓаните загрижени, МВР пушта засилени патроли

Министерството за внатрешни работи потврди дека во изминатиот период се поднесени три пријави за тешки кражби во Полициската станица Карпош.

Жители на скопската општина Карпош алармираат за серија обиди за провали и кражби во станбените згради. Во еден од последните случаи, граѓанка сведочела како непознато лице се обидувало да ѝ ја отклучи вратата во зграда во Карпош, по што сторителот избегал. Веднаш следниот ден, во соседна зграда била пријавена кражба.

„Проблемот е сериозен. Вчера објавив во Фејсбук групата за Карпошани, ама морам и тука. Вчера во 10 часот наутро слушнав како некој пробува да ми отклучи дома. Ѕирнав низ окцето и видов лик со сино капче, бела маица, со кратки ракави и со сиви пантолони, висок околу 1,70 метри. Само што пробав да отворам, избега по скалите. Пријавив во полициска станица Карпош и тие ми се прејавија по ден час. Денеска е пријавена кражба во кулата до мојата, која најверојатно се извршила вчера. Бидете внимателни и не пуштајте непознати да влегуваат во вашата зграда. Очигледно најважно е сами да се заштитиме. Апелирам сите со слично искуство да пријавите и да објавите јавно бидејќи многу луѓе ми пишаа од реонов, кои се соочиле со сличен проблем од пролетта наваму. И да се предложи закон со кој луѓето ќе имаат право да си ја штитат сопственоста, а не да бидат гонети поради тоа што си го бранеле имотот на свој начин“, напиша загрижената жителка на Карпош.

Загриженоста на граѓаните дополнително се зголемува бидејќи, како што наведуваат, во последните месеци се појавуваат сè повеќе вакви пријави. На социјалните мрежи Карпошани апелираат за поголема претпазливост и за јавно споделување на вакви искуства, со цел подобра заштита на заедницата.

Министерството за внатрешни работи за „Слободен печат“ потврди дека во изминатиот период во Полициската станица Карпош се поднесени три пријави за тешки кражби. Оттаму информираат дека се преземаат засилени превентивни активности.

„ЕВР Карпош, постојано презема превентивни мерки и засилени активности со цел да се заштитат граѓаните и нивниот дом, како позорни пешачки патроли на УПС од ПС од ОН Карпош, како и мотопатроли на Инспектори од ОКР Карпош, сѐ со цел превентивно делување и спречување на сторување прекршоци и кривични дела. При секојдневното работење, се постапува по претходно изготвени планови за превентивно делување, при што на граѓаните им се даваат насоки како да постапат во одредена ситуација“, велат од МВР.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот