Димитар Ковачевски/фото Слободан Печат/Слободан Ѓуриќ

Ковачевски стана член на организација која сака да го менува образованието

Eкс-премиерот Димитар Ковачевски стана член на глобалната тинк-тенк организација COSCU, чие седиште е во Хаг, Холандија.

„Со задоволство соопштуваме дека Димитар Ковачевски, поранешен премиер на Северна Македонија, се приклучи на COSCU (Конфедерација на училишта, колеџи и универзитети), како член на Регионалниот советодавен одбор за Европа. Господинот Ковачевски носи богата експертиза и истакнат учинок во јавната служба служејќи како премиер на Република Северна Македонија од јануари 2022 до јануари 2024 година“, пишува во соопштението на COSCU.

Истакнувајќи ги квалитетите на Ковачевски, од организацијата посочуваат дека за време на владеењето, тој ја водел државата кон значителни достигнувања, меѓу кои иницијативата за отпочнување на преговорите за пристапување во ЕУ, како и дека имплементирал клучни економски реформи кои ја поткрепиле отпорноста на државата во време на глобална криза.

„Големото искуство на господинот Ковачевски во образовниот сектор перфектно се вклопува со мисијата на COSCU за забрзан раст на образовната индустрија. Како доктор по економија и професор по бизнис економија и менаџмент на Универзитетот ’Американ колеџ‘ Скопје, тој покажа непоколеблива посветеност за академска извонредност. Неговите многубројни придонеси за науката во полето на економијата и менаџментот дополнително ја нагласија неговата посветеност за унапредување на знаењето и иновациите“, се вели, меѓу другото, во соопштението.

Во организацијата COSCU се посветени на обликување на иднината на образованието глобално.

„Ние ги поврзуваме образовните институции, корпоративните ентитети, претприемачите и инвеститорите од целиот свет заради позитивна промена и трансформација на образованието. Нашата мисија е да ги охрабриме луѓето и институциите да просперираат и да имаат значително влијание врз општеството преку квалитетно образование и шанси за стекнување знаења“, стои во полето „Нашата мисија“ на официјалната веб-страница на оваа тинк-тенк организација.

Како носител на листата на СДСМ и коалицијата во изборната единица 1 на единаесеттите парламентарни избори одржани на 8 мај, Димитар Ковачевски стана пратеник во македонското Собрание, но тоа, според она што го пишува во Изборниот законик, не го спречува да биде член на одбор на организацијата COSCU.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот