
Ковачевски поддржува една изборна единица со отворени листи
Премиерот Димитар Ковачевски денеска во одговор на новинарско прашање околу можноста да се реогранизира изборниот систем во земјава и да се прифати една изборна единица, одговори дека „Владата е стабилна и тоа се потврдува на сите гласања во Парламентот“.
Препорачано
Одговорот на Ковачевски доаѓа по најавата од претседателката на ДОМ, Маја Морачанин дека ќе ја напушти коалицијата доколку не се прифати една изборна единица, како и сличната закана од лидерот на Достоинство, Стојанче Ангелов, доколку не се прифатат предложените измени во Законот за бранителите.
Според премиерот, нормално е да имаат различни мислења за одредени прашања со коалиционите партнери, но тој остави простор прашањето од Ангелов за правата на бранителите да се реши наскоро. Околу предлогот за една изборна единица, Ковачевски рече дека „СДСМ е првата партија што застанала зад тој предлог“.
„Го поддржувам предлогот за една изборна единица, но со отворени листи. Изборен праг мора да има, зашто во спротивно може да ни се случи деловни заедници да ни кандидираат пратеници и да тераат бизнис интереси, а парламентот да стане Стопанска комора. Предложен е изборен праг од 5 проценти, но интересни бројки се и 3 проценти и 4,5 проценти“, рече премиерот Ковачевски на денешниот брифинг со новинарите.
За Демократскиот сојуз, Ковачевски вели дека не жали што оваа партија ја напуштила владејачката коалиција.
„Со Демократскиот сојуз не делам исти вредности и очекував да ја напуштата коалицијата . Тие не беа дел од одредени процеси во државата и немав дилема дека ќе излезат. Ако сте направиле кариера на создавање конфликт не можете потоа да поддржите решение за него“, рече Ковачевски алудирајќи на спорот со Бугарија.
Околу измената на Уставот, Ковачевски вели дека во ВМРО-ДПМНЕ има поединци, пратеници и претставници на раководството кои не мислат како дел од актуелното раководство и кои сакаат земјата да го продолжи патот кон ЕУ.
„Тие поединци треба да се охрабрат. ВМРО-ДПМНЕ и другите опозициски партии треба да бидат дел од носењето на оваа одлука бидејќи да не се биде дел од вакви одлуки е невредно за една политичка партија која постои од првиот ден од осамостојувањето на државата“, рече Ковачевски.
На прашањето зошто во исто време не се одржуваат претседателски и парламентарни избори, Ковачевски рече дека така е законски регулирано,и дека не може да им го скратува мандатот на избраните претставници. Претседателските избори треба да се одржат во втората половина од март следната година, а редовните парламентарни во втората половина од јули следната година.