Ислам Абази - шев на ЈО за гонење на организиран криминал и корупција / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Ковачевски: Начинот на изборот на Абази покажува дека се потребни дополнителни реформи во правосудството

Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека со согласува со ставот на Амбасадата на САД во земјава во однос на изборот на новиот шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и смета дека се потребни дополнителни реформи во правосудниот систем на државата.

Јас се согласувам со изјавата на Американската амбасада. Морам да бидам искрен. Можам тука да ви кажам слободно дека како претседател на Владата и како Влада, зборувам министрите, ние немавме никаков удел во изборот на шеф на Обвинителството за организиран криминал, со оглед на тоа дека се работеше за непосреден избор помеѓу самите обвинители и фелата. Како бил направен изборот, тоа може да ви го кажат најдобро обвинителите. Дали е според сите стандарди и според сите принципи на добро владеење? Тоа исто така може да ви го кажат самите обвинители или пак оние институции вклучително и меѓународни институции коишто учествувале во спроведувањето на реформите во обвинителскиот систем во државата. Сметам дека на тој систем му се потребни уште реформи, уште унапредувања. Правосудниот систем во државата има кредибилитет од осум проценти. Сметам дека пред нив има огромна работа и треба да покажат дека можат граѓаните и институциите да веруваат во тој систем, рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање за коментар за ставот на Американската амбасада.

Амбасадорката на САД земјава, Анџела Агелер во петокот упати критика за изборот на нов шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази.

Ние, во Амбасадата на САД, секако дека резултатите ги сметаме за збунувачки, особено откако во изминатите години потрошивме милиони долари на обука на обвинители и други во правосудниот систем. Граѓаните заслужуваат независен правосуден сектор во кој позициите се пополнуваат по заслуга и квалитет, низ транспарентни процеси, без разлика дали се во обвинителство, судство или која било друга јавна институција. Политичкото мешање нема место во овие постапки. Оние што би се вмешале преку вршење притисок, закани или коруптивни зделки на „мала врата” треба да бидат повикани на одговорност од граѓаните”, се вели во одговорот на амбасадорката на САД, Агелер, на прашањето на „360 степени”.

Обвинителот од Гостивар, Ислам Абази, беше избран за шеф на ОЈО за ГОКК на 7 ноември, откако тој доби најмногу гласови од своите колеги, вкупно 66. Согласно Законот за јавното обвинителство, на изборите за шеф на ОЈО ГОКК право на глас имаа сите јавни обвинители во земјава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот