
Ковачев: Темите за идентитетот и јазикот немаат место во извештајот за земја што аплицира за членство во ЕУ
Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев ја потврди информацијата дека на барање на трите најголеми партии во Европскиот парламент – Европската народна партија (ЕНП), Прогресивниот сојуз на социјалистите и демократите (С&Д) и Обнова ќе бидат отстранети зборовите „македонски јазик“ и „македонски идентитет“ од нацрт-извештајот за напредокот на Македонија. Веста претходно ја објави и БГНЕС.
Препорачано
Тој вели дека темите за идентитетот и јазикот немаат место во извештајот за напредокот на земја што аплицира за членство во ЕУ.
„Ваквите теми водат само кон неединство и ја отвораат Пандорината кутија. Тоа во конкретниов случај се потврдува со постојаните изјави на владините функционери во Скопјe, а особено на премиерот Мицкоски со неговите манипулации за ‘многувековниот идентитет и јазик’. Неприкриената цел на властите во Скопјe беше, во пресрет на локалните избори, да покажат некаков неверојатен триумф над ‘источниот сосед’ и со тоа да објаснат зошто би направиле некои козметички измени во својот Устав и делумно би ги вклучиле Бугарите во него.
И покрај невидениот притисок и лобирање, таков преседан не треба да стане дел од извештаите на Европскиот парламент или на која било друга европска институција. Наместо тоа, Република Северна Македонија треба да го почитува потпишаниот договор со Бугарија и да ја деблокира работата на историскиот комитет. Тоа е местото каде што треба да се дискутираат темите од нашата заедничка историја, како што е напишано во договорот“, пишува Ковачев на Фејсбук.
Според премиерот Христијан Мицкоски бришењето на „македонски јазик“ и „македонски идентитет“ од нацрт-извештајот за Македонија, е подеднакво лошо како и да стоеше придавката „модерен“.
„Уште еднаш се покажа дека не е само неколку стотини Бугари во Устав, туку е многу подлабоко и сега сите тие кои манипулираат, кои во минатото нè убедуваа дека само да го смениме Уставот, готово, сите наши проблеми ќе бидат решени, треба да излезат пред македонските граѓани и да се извинат. За жал оние егзибиции што седум години се случуваа кај нас нè доведоа во ваква ситуација – на талибански начин се брише македонскиот идентитет и јазик од извештајот во Европа. Тоа го дочекавме, а тоа го направија Бујар Османи, Димитар Ковачевски, Бојан Маричиќ – изјави Мицкоски.
Нацрт-извештајот за напредокот на Македонија треба да се гласа на пленарната седница на Европскиот парламент на 8 јули.
Отстранувањето на зборовите „македнски јазик“ и македонски идентитет“ од извештајот следи по острите реакции на македонските власти, но и на јавноста, на изјавата на евсокомесарката за проширување Марта Кос, која македонскиот идентитет го спореди со македонските јадења – погача, гравче-тавче, пинџур…