
Кос: БиХ треба да се врати на патот кон ЕУ
Еврокомесарката за проширување Марта Кос денеска во Сараево изјави дека одговорот на Европската Унија на новите „предизвици со неуставно и сецесионистичко законодавство и иницијативи усвоени во ентитетот Република Српска“ е „цврст и недвосмислен“, пренесува Вијести.
Препорачано
На прес-конференција по разговорите со претседателката на Советот на министри на БиХ, Борјана Кришто, Кос нагласи дека институциите, вклучувајќи го Уставниот суд и Централната изборна комисија, мора да се почитуваат и го повика Советот на министри на БиХ веднаш да го продолжи спроведувањето на реформите.
„Босна и Херцеговина треба да се врати на патот кон ЕУ. Земјата не може да си дозволи да губи повеќе време. БиХ веќе изгуби една година. Сега повикувам да не се губи повеќе време. Членството во ЕУ би го подобрило квалитетот на животот на граѓаните, особено на младите луѓе, кои потоа би претпочитале да останат отколку да си заминат. Сè уште ја гледаме БиХ во членство, и како цела земја“, рече Кос, која ја започна тридневната посета на БиХ.
Кос, исто така, потсети на неодамнешните „позитивни чекори“ од страна на БиХ, споменувајќи го усвојувањето на два релевантни закони на ЕУ во јануари и потпишувањето на договорот за статусот на Фронтекс во јуни, но предупреди дека овие напредоци нема да бидат доволни без продолжување на процесот на реформи.
Кос како приоритет ги издвои зајакнувањето на судството, усвојувањето на нов закон за судовите и нов закон за Високиот судски и обвинителски совет во согласност со европските стандарди, како и назначувањето на главен преговарач со ЕУ.
Кос ги повика сите проевропски политички актери да ги здружат силите за да постигнат конкретни резултати и да овозможат одржување на првата меѓувладина конференција. Таа нагласи дека БиХ итно треба да ја финализира и да ја достави својата програма за реформи до Комисијата.
Таа, исто така, потсети на можностите што ги нуди Планот за раст на Западен Балкан, истакнувајќи дека другите земји веќе добиваат исплати и дека граѓаните на БиХ исто така можат директно да имаат корист доколку се спроведе Агендата за реформи.
На заедничката прес-конференција, Кришто рече дека состанокот бил конструктивен и фокусиран на реформите.
„Разговаравме за тоа што веќе направил Советот на министри, но и за спроведувањето на реформите што претстојат. Штом ја усвоиме реформската агенда, ќе ја информираме Европската комисија и Марта Кос. Ова, секако, не е крај – ние продолжуваме со нашата работа… Јасно е што треба да се направи и сè зависи од политичката волја“, рече Кришто.
Посетата на европската комесарка за проширување Марта Кос се одвива во екот на блокадата на државните институции на БиХ и уставната криза во Република Српска, откако со конечна пресуда на Милорад Додик му беше одземен мандатот како претседател на РС.
Во март 2024 година, БиХ доби зелено светло за разговори за полноправно членство во ЕУ, но со претходно исполнување на голем број услови.
Меѓу нив се хармонизацијата со надворешната политика на ЕУ, што значи санкции на БиХ против Русија – на кои се спротивставуваат претставниците на РС, или визи за граѓаните на Турција и арапските земји – на кои се спротивставува владејачката партија од Федерацијата на БиХ.
ЕУ објави дека без јасен план за реформи и негово спроведување, БиХ нема да добие ниту едно евро грантови или меки заеми. Првите 108 милиони, од околу милијарда евра наменети за БиХ, беа пренасочени кон други земји ова лето.