
Конгресменот Дон Бејкон: Трамп почнал да ѝ се заканува на Русија по расправијата со сопругата Меланија
Американскиот конгресмен Дон Бејкон изјави дека првата дама Меланија Трамп заслужува дел од заслугите за очигледниот пресврт на американскиот претседател Доналд Трамп против Русија во војната против Украина.
Препорачано
„Па, ми е мило што претседателот се сврте кон Украина. Мислам дека ѝ должиме благодарност на Меланија. Дури и претседателот рече дека неговата сопруга постојано го потсетува дека Русија бомбардира украински градови секоја вечер“, рече Бејкон, умерен републиканец од Небраска, според американскиот портал „Хил“.
Според него, првата дама му кажува на Трамп секој ден за тоа што се случува во Украина.
Трамп во понеделник објави договор со НАТО за снабдување со оружје на Украина, а исто така ја предупреди Русија дека е подготвен да воведе секундарни економски санкции од 100 проценти во рок од 50 дена, што би ги таргетирало другите земји што работат со Русија.
Бејкон, еден од тројцата републиканци избрани во областите што поранешната потпретседателка Камала Харис ги освои во 2024 година, ја пофали најавата на Трамп, но рече дека сака да види повеќе од претседателот.
„Мислам дека треба да имаме целосна морална јасност тука. Русија е напаѓач. Тие бомбардираат градови – рече тој.
А што ќе се случи ако Русија победи во Украина? И треба да бидеме свесни за ова. Знаеме дека Молдавија веројатно веднаш ќе го стори истото. Грузија и Азербејџан се многу ранливи“, додаде Бејкон.
Според него, ако Западот не успее во Украина, тоа ќе има многу поголема цена во иднина. Бејкон оцени дека Русија не може да ја толерира желбата на Украина да се приклучи на ЕУ, со демократија и слободен пазар.
„И затоа се надевам дека претседателот ќе направи повеќе отколку само да продава оружје на НАТО, кое НАТО ќе ѝ го даде на Украина… Сакам да не беа 50 дена. Сакам да беа 20 или 30 дена, но мора да ги казниме Кина, Иран, Северна Кореја затоа што тие во основа ги поддржуваат руските воени напори против Украина“, заклучи Бејкон, кој неодамна објави дека ќе се пензионира по завршувањето на неговиот мандат.
Претходно, Трамп, зборувајќи за својата сопруга и нејзиниот став за украинскиот конфликт, рече дека таа е „многу паметна“ и дека одржува неутрална позиција.
„Таа е како мене: би сакала луѓето да престанат да умираат“, нагласи американскиот претседател, пренесува Танјуг.