Израел и Хамас знамиња / Дезинформации / Фото Слободен печат

Конфликтот во Израел низ призмата на говорот на омраза, лагите и пропагандите

Речиси ниту еден конфликт во светот не може да помине без притоа да не му се даде локален контекст, односно да не се обидат одредени политички структури, центри на моќ и влијателни лица да профитираат. Со избувнувањето на војната во Израел и онаа во Украина претходно, се добива на впечаток дека светот води глобален напор за борба против неконтролираното ширење на лажни вести и дезинформации и пропаганди, додека државите ширум светот со голема пареа ги интензивираат нивните напори за превенција од овие наративи од оние кои се одговорни за ширење лажни информации.

Во светлост на овие случувања не беше имуна ниту Македонија а со тоа и домашното општество. Имено, додека македонската Влада цврсто застана зад Израел и даде целосна поддршка за земјата во овие тешки моменти по терористичките напади на Хамас, домашното општество сепак не остана хомогено кога станува збор осудата на тероризмот и војната.

Како домашните пропагандисти го користат израелско-палестинскиот конфликт?

Еден од многуте случаи кој ја шокираше домашната јавност е и случајот со началник од МВР кој со постови на Фејсбук ги поддржувал нападите на палестинските милитанти Хамас врз Израел.

На профилот на Фејсбук под името Ади Адии, можат да се најдат неколку објави со кои се поддржуваат нападите на Хамас врз Израел, а од истиот профил има и жолчни расправија со поранешниот министер за внатрешни работи Наќе Чулев кој впрочем и го посочи овој проблем во јавноста.

Како што тврди поранешниот министер за внатрешни работи од редовите на ВМРО-ДПМНЕ станува збор за лицето А.С. , началник во Одделот обезбедување при Министерството за внатрешни работи, лице кое работи како лично обезбедување на заменик-министерот за внатрешни работи, Назим Буши. Според објавата на Чулев на ФБ ова лице работи како висок функционер во полицијата како одговорен за ВИП-обезбедување, учество во домашни и странски делегации и присуство на меѓународни настани и со неговите објави на Фејсбук според Чулев се загрозува националната безбедност со давање поддршка за тетористичките напади врз Израел.

Тој претходно, на социјалните мрежи имал неколку јавни објави, во кои има недвосмислени елементи на говор на омраза, што е кривично дело предвидено во Кривичниот закон – посочи Чулев.

Во меѓувреме за случајот веднаш реагираше МВР каде информираа дека Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди постапува по случајот со полицискиот службеник А.С. и неговите објави на социјалната мрежа Фејсбук во врска со нападите на Хамас врз Израел и против него ќе биде поведена дисциплинска постапка, односно ќе следуваат соодветни санкции.

„Ставот на МВР и Владата е јасен и прецизен. Силно ги осудуваме нападите на групата Хамас врз Израел и се солидаризираме со израелскиот народ. Апелираме за решенија преку дијалог. На светот му е потребен мир“, е наведено во соопштението од МВР.

Во исто време за конфликтот меѓу Израел и Палестина во домашната јавност постојано се шират шпекулации, невистини и непроверени вести. Социјалните мрежи се можеби едни од најупотребуваните алатки по медиумите на кои се шири говорот на омраза и невистините.

Следен од многуте примери со преписки на социјалните мрежи беше и оној меѓу лидерот на Левица Димитар Апасиев и поранешниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов. Во размената на зборови и „факти“ околу војната првиот човек на Левица напиша дека „Десничарите се за Израелците“ додека „Левичарите се за Палестинците“. На овој статус реагираше Шилегов при што напиша: „А оние што имаат барем 2 грама памет се против војна и човечки жртви …“.

Војната во Израел причина за кавги на Балканот: Србите за Израел, Бошњаците за Палестинците

Покрај веќе постоечките бројни поделби во Босна и Херцеговина – околу прашањето за имотот, иднината на Уставниот суд, надлежностите на ентитетите, унитаризацијата или уште поголемата децентрализација – локалните политичари успеаја да се поделат околу поддршката за конфликтните страни во израелскиот палестински конфликт, пишува српски Блиц.

Трагичните настани во голем број израелски градови поради нападите на палестинскиот Хамас, како и бруталната употреба на сила на израелската војска во Газа, претставуваа нова идеална можност за политичарите од Р.Српска и БиХ да покажат дека не се согласуваат за било што дури и за работи кои директно ја засегаат Босна и Херцеговина а се одалечени илјадници километри.

Откако Палестинците извршија ракетни напади врз бројни израелски градови, претседателот на Република Српска, Милорад Додик, беше меѓу првите што го осуди и му понуди отворена поддршка на Израел.

Иако, за разлика од претходните години, во Сараево не беа организирани протести за поддршка на Палестинците, пораките на тамошните политички лидери јасно укажуваат на чија страна се нивните симпатии.

– Не можете да ја набљудувате ситуацијата без да кажете дека борбата на палестинскиот народ за својата држава трае со децении, а ништо не е постигнато. Што го инспирирало Хамас да го стори тоа? Па, ова се очајни луѓе и ваквиот напад и тероризирање цивили го гледаат како излез. За жал, невини луѓе ќе платат највисока цена – изјави членот на Претседателството на БиХ Жељко Комшиќ.

Длабока проверка на информациите е нужна за вистината во конфликтот, советуваат експерите

Професорот Михал Вит за „Слободен печат“ објаснува дека на сите им е добро познато дека Македонија и Балканот подолг период е плодно тло за хибридно делување на оние кои не и мислат добро на државата и регионот. Тој објаснува дека истражувањата на бројни институции покажале дека дезинформациите и пропагандите се само еден мал дел од палетата која ја користат центрите на моќ во своето делување а тоа најчесто за жал се прави преку изнесувањето на не проверени факти на социјалните мрежи.

Универзитетски професор Михал Вит од Чешка/ФОТО Архива

– Тие се користат како дел од стратегијата за континуирана специјална војна со цел да се пласираат дезинформации кои ќе имаат за цел да го размрдаат безбедносно општеството. Токму затоа хибридните закани чии составен дел се и дезинформациите не смеат да се потценат во Македонија и регионот – вели тој.

ЕУ со остри критики кон мрежите X(Твитер) и Фејсбук(Мета) за ширењето лаги

Европскиот комесар за внатрешен пазар, Тиери Бретон го предупреди американскиот милијардер и сопственик на социјалната платформа X (поранешен Твитер) Илон Маск дека платформата е преплавена со дезинформации за војната во Израел, што е спротивно на правната рамка на Европската унија.

– По терористичките напади на Хамас врз Израел, имаме индикации дека вашата платформа се користи за ширење нелегални содржини и дезинформации во ЕУ. Дозволете ми да ве потсетам дека постојат многу прецизни обврски за уредување содржина според Законот за дигитални услуги, рече Бретон во писмо до Маск.

Бретон, кој е задолжен и за дигиталната транзиција, прецизираше дека медиумите и граѓанските организации масовно известуваат дека на платформата Х за војната во Израел кружат дезинформации и лажни и манипулирани слики, на пример од некои други конфликти или дури и од видео игри. Бретон го повика Маск „крајно транспарентно и јасно да стави до знаење какви содржини се дозволени“ и додаде дека мора доследно да ја спроведува зацртаната деловна политика, што е „особено важно кога станува збор за насилни и терористички содржини“ кои „очигледно циркулираат“ на мрежата X. Во дописот, кој беше објавен на Х, се посочува и дека надлежните европски органи веќе испратиле предупредувања.

Слична реакција од европските институции беше испратена и кон сопственикот на Мета Марк Закерберг за неможноста на компанијата да контролира ширење на дезинформации на социјалната мрежа Фејсбук.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот