Конечно и Град Скопје има Партиципативно тело за урбанизам

Конечно по неколку објавени, поништени или неуспешни огласи, во Град Скопје се формира Партиципативно тело од областа на урбанизмот, што претставува законска обврска што досега не беше спроведена.

Партиципативното тело, според Законот за урбанистичко планирање е тело што го формираат општините и Градот Скопје за обезбедување инклузивност, партиципативност и јавност во процесот на урбанистичкото планирање. Тоа се состои од членови на комисијата за урбанизам на општината или на Град Скопје, од стручни лица од правното лице што го изработува планот, како и од претставници на урбани заедници, невладини организации, здруженија на граѓани, но и граѓани што се стручни лица од областа на урбанистичкото планирање.

Ова тело ги претставува различните интереси во локалната заедница и ги пренесува ставовите, мислењата и потребите на граѓаните и на правните лица, ги следи состојбите во планирањето преку давање иницијативи, насоки и сугестии за изготвување плански решенија и во постапката за изработување и донесување на плановите ги разгледува планските програми и планските решенија на урбанистичките планови во нивната работна верзија.

Во новоформираното Партиципативно тело, кое доби зелено светло и од советниците на последната седница на Советот на Град Скопје се избрани девет члена, од кои двајца се претставници од урбани и месни заедници, а останатите седум се стручни лица од областа на урбанистичкото планирање и други стручни области суштествени за планирањето и одржливиот развој на градот.

Покрај овие девет, во него членуваат и двајца од редот на членовите на комисијата за урбанизам на градот Скопје, потоа двајца вработените во градот Скопје, како и двајца претставници од правното лице што го изработува урбанистичкиот план.

Како што стои во образложението на одлуката, Партиципативното тело се формира од доброволно пријавени лица по јавен оглас објавен на веб-страницата од единицата на локалната самоуправа и во писмена форма со излегување на огласот на јавно место во траење од 30 дена.

Јавен оглас за избор на членови на Партиципативно тело за урбанизам на Град Скопје беше објавен на 22 јануари 2024 година со траење до 21 февруари 2024 година. На јавниот оглас аплицирале вкупно 18 апликанти. Комисијата за верификација, мандатни прашања, признанија, претставки и поплаки на Советот на Град Скопје одржа седница на 27 февруари 2024 година на која ги разгледа документите на пристигнатите апликанти и го утврди предлогот за избор на членови на Партиципативно тело од областа на урбанизмот на Град Скопје и го достави до Претседателот на Советот на Град Скопје – пишува во образложението.

Вакво тело веќе е формирано речиси во сите скопски општини. Во Општина Центар тоа брои пет члена, истакнати експерти во своите области и граѓански активисти.

Партиципативното тело досега има разгледувано само предлог плански програми, бидејќи отпочнатите детални урбанистички планови сѐ уште не стигнале до фаза на урбанистичко планско решение. На предлог планските програми, секој од членовите на Партиципативното тело има можност да даде свои предлози и забелешки, кои стануваат составен дел на Записници кои се составен дел од постапката – информираа неодамна во Општината.

Партиципативното тело во Општина Бутел има девет члена, од кои пет од Комисијата за урбанизам и четворица надворешни членови што се пријавиле на јавен повик. Партиципативното тело се состанува и ги разгледува предлог планските програми и предлог деталните урбанистички планови (во зависност од динамиката на работа), за што изготвува записник. Записникот е дел од документацијата при водење на постапката за донесување урбанистички планови.

Најголема застапеност граѓаните имаат во Партиципативното тело на Општина Кисела Вода, каде што од 24 члена, дури 17 се граѓани, претставници на урбаните заедници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот