Фото: Промо

Концертен спектакл „Фузија“: Светски познатата виолинистка Ирина Мурезану ќе гостува во Скопје

По успешната турнеја во Италија и спектакуларниот концерт на „Охридско лето“, камерниот оркестар „Профундис“ со нов, уникатен проект ќе се претстави пред македонската публика.

Концертот насловен „Фузија“ ќе спои два врвни камерни оркестри од Македонија и од Србија заедно со светски познатата виолинистка Ирина Мурезану (САД/Романија) која за првпат ќе настапи во Македонија.

Романската виолинистка Ирина Мурезану ги освојува срцата на публиката и на критичарите со нејзините возбудливи, елегантни и искрени изведби на класичниот, романтичен и модерен репертоар. „Бостон глоуб“ ја пофали „не само како виртуоз, туку и како уметник“, а „Лос Анџелес тајмс“ напиша дека нејзиниот „музички сјај, топена лирика и колоритна концепција ја прават изведбата на Ирина Мурезану особено восхитувачка“. Свири на виолина од 450.000 евра и е лауреат и добитничка на главната награда на натпреварите за виолина во Монтреал интернационал, Вашингтон интернационал, Про музицис интернационал и наградата „Кралица Елизабета Втора“.

Фото: Промо

На настапот во Скопје му претходи претставувањето на концертот „Фузија“ пред српската публика, три дена претходно, во една од најпрестижните сали на Балканот, легендарната сала „Коларац“ во Белград.
Организаторите најавуваат исклучително уникатна програма. Премиерно пред македонската публика ќе се изведат комплексните и виртуозни дела од Б. Бритн – „Варијации на тема од Френк Бриџ“ и „Романска рапсодија“ бр.1 од Ж. Енеску како и популарните „Четири годишни времиња“ од А. Вивалди и А. Пјацола.

– Можноста за уметникување и споделување на сцената со врвни уметници од САД и од Србија, кои премиерно гостуваат и настапуваат во нашата земја, ни причинува огромно задоволство и предизвик. Верувам дека концертот ќе биде уникатен и оригинален настан кој со сигурност ќе ги задоволи вашите уметнички критериуми – изјави Ѓурѓица Дашиќ, уметнички раководител и диригент на камерниот оркестар „Профундис“.

Инаку, настанот ќе се одржи на 2 ноември (среда) во 20 часот, во големата сала на Македонската филхармонија. Влезниците, по цена од 500 денари, се продаваат преку продажната мрежа на „МКТикетс“ и на билетарницата на Македонската филхармонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот