
Концерт што покажува дека музиката и културата ги надминуваат сите граници
Друштвото за македонско-германско пријателство и соработка и Гете институт Скопје го организираат концертот „Kullermund“ на извонредниот состав „Екстраваганца фантази квартет“ (Extravaganza Fantasi Quartet), кој ќе настапи во Скопје.
Препорачано
Концертот ќе се одржи на 18 ноември (понеделник), во 19 часот, во камерната сала на Филхармонија, со поддршка на Гете институт Скопје.
Дека музиката и културата ги надминуваат сите граници покажува примерот со музичарите Јордан Костов од Македонија и Андреас Гинтер од Германија, кои по нивното прво сретнување во Шангај во 2016 година ја следат идејата за свирење концерти низ светот со меѓународни уметници и локални музичари, а нивната музика одразува бројни впечатоци од патувања низ далечни земји и средби со други култури и луѓе.
На концертот ќе настапат Андреас Гинтер на пијано и саксофон, Јордан Костов на хармоника, Андреа Мирческа на бас и Драган Теодосиев на тапани.
Зборот „Kullermund“ има специфично значење кај германските деца: Кога двајца луѓе во исто време ќе изговорат исто нешто, некој може да извика „Kullermund“. Потоа, другата личност не смее да зборува додека не добие дозвола од спротивната страна!
Станува збор за една забавна детска игра. Врз основа на оваа случајна и спонтана игра, ансамблот ќе ги интерпретира македонските и германските детски и народни песни на уникатен и импровизиран начин покрај сопствените композиции.