Кон крајот на јуни СДСМ ќе добие нов претседател, Ковачевски и раководството поднесоа оставки

Извршен одбор СДСМ Фото: СДСМ

Иако уште не е почната процедурата за номинација на лидерската функција, веќе е јасно дека за претседател на партијата ќе има повеќе кандидати, како Славјанка Петровска, Стефан Богоев, Јован Деспотовски, а можно е да се вмешаат и Венко Филипче, Петре Шилегов…

Почнува трката за нов претседател на СДСМ откако Димитар Ковачевски ја достави својата оставка пред членовите на Извршниот одбор, по катастрофалниот пораз на парламентарните избори. Партискиот орган заклучи директните внатрепартиски избори за нов лидер на СДСМ да се одржат во јуни. Изборите за нов претседател најверојатно ќе бидат кон крајот на јуни. Неофицијално, главната расправа во Извршниот одбор, која траела речиси шест часа, била дали партијата да го врати стариот принцип на избор на претседател, односно наместо на непосредни избори, конгресот да го избира лидерот. Сепак, натежнала позицијата партискиот претседател да го избира членството.

Иако сè уште не е почната процедурата за номинација на лидерската функција, веќе е јасно дека за претседател на партијата ќе има повеќе кандидати, бидејќи дел од нив веќе пројавија таква амбиција, како Славјанка Петровска, Стефан Богоев, Јован Деспотовски, а се навестува и дека во трката е можно да влезат и Венко Филипче, Петре Шилегов…

Освен избор на претседател на партијата, на СДСМ ѝ претстои и одржување отчетен конгрес, кој според Статутот се одржува по секои избори. На конгресот, според точките од предложениот дневен ред, претседателот и раководството на СДСМ треба да реферираат за периодот од декември 2021 година до мај 2024 година, а извештај треба да даде и Централниот изборен штаб во врска со годинашните двојни избори. По овие точки е предвидена расправа на делегатите на конгресот, по што ќе се изјаснува доверба на органите на СДСМ избрани од конгресот.

– Претседателот Димитар Ковачевски на седницата го потврди повлекувањето од функцијата претседател на СДСМ и иницираше свикување отчетен конгрес. Според член 68б од Статутот и повлекувањето на претседателот на партијата, Извршниот одбор заклучи дека почнуваат да течат статутарните рокови за организирање нови директни внатрепартиски избори за избор на претседател на СДСМ. Бидејќи избраната Централната изборна комисија во согласност со Статутот сè уште има мандат, во истиот состав ќе ја спроведе постапката за нови непосредни внатрепартиски избори за избор на претседател на СДСМ – соопштија од партијата.

Централната изборна комисија врз основа на партискиот статут треба да предложи правилник со предлог-роковник за спроведување на директните внатрепартиски избори. Работни групи ќе спроведат активна регистрација на членството за гласање на директните внатрепартиски избори како и за организација на отчетен конгрес.

– Членовите на Извршниот одбор, како и членовите на раководството на СДСМ, заменик-претседателката, потпретседателите, генералниот секретар, организацискиот секретар, секретарот за меѓународна соработка, поднесоа оставки од функциите. Се повикуваат и членовите на Централниот одбор да го следат примерот како морален чин на одговорност. Со повлекувањето на претседателот на СДСМ, сите претседатели на општински организации и претседателот на градската организација се во оставка, со оглед на фактот дека се именувани од претседателот, а нивната функција ќе ја извршуваат до избор на нови – соопшти партијата.

Ковачевски, пак, на почетокот на состанокот на Извршниот одбор официјално ја поднесе оставката од лидерската позиција, која, пак, ја најави вечерта на 8 мај, по изборниот пораз. Веднаш по изборниот пораз, оставка поднесе потпретседателот Фатмир Битиќи, а ден-два потоа и потпретседателот Перо Костадинов. Подоцна од функцијата заменик-претседател оставка поднесе и Сања Лукаревска.
Ковачевски со допис до медиумите, со речиси идентичното обраќање што го имаше вечерта на 8 мај, ја информираше јавноста за оставката. Одговорност за катастрофалниот пораз, исто како и на денот на изборите, ја лоцираше во раководство, но и во сите именувани и избрани функционери на партијата од најниско до највисоко ниво. Заслужени за поразот, според Ковачевски, се и поранешни партиски функционери.

– На парламентарните и на претседателските избори СДСМ доживеа пораз, со што му е зададен тежок удар, не само од граѓаните, туку и од симпатизерите, дел од сегашните, како и од доскорешни членови на партијата организирани во друг политички субјект, а стимулирани и од поранешни носители на високи партиски функции – напиша Ковачевски.

Тој побара носење на сите потребни одлуки за организирање конгрес на СДСМ за анализа на изборните резултати и организирање внатрепартиски избори, според Статутот на партијата. Некои партиски функционери ценат дека е потребен генерален ремонт на партијата, нејзина обнова, враќање кон политичките корени на социјалдемократијата.
СДСМ парламентарните избори ги заврши со 154.687 гласа и со само 18 пратеници, што е најслаб изборен резултат откако постојат како партија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот