
Компресорите откажале при операција на дете и на болен од карцином, ама на министерот Таравари никој не му кажува
Министерот за здравство доктор Арбен Таравари денеска беше во посета на хируршките клиники во Клинички центар. Таму повеќе од месец дена има проблем со главната компресорска станица, па во хируршките сали се функционира со надворешни компресори. На прашањето на „Слободен печат“ дали директорите му кажале на Таравари дека во два наврати, во две операции им откажал надворешниот компресор и тоа при операција на дете и на болен од рак – министерот рече дека таква информација не добил.
Препорачано
-Немам такви информации, барем денеска бев во абдоминална и во ортопедија, се видов и со директорите. Можам да проверам, па да известиме, рече доктор Таравари.
Тој рече дека разговарал со сите директори на хируршки клиники и со директорот на општи служби.
-Во некои операциони сали нема никаков мирис, а во абдоминална хирургија се чувствува мирис. Затоа анестезиолозите не дозволуваат да функционира централниот компресивен систем. Очекувам извештај утре или задутре, од направените испитувања.
Заинтересиран сум како може што побрзо да го решиме проблемот. Ми требаат неколку денови за да донесам одлука – дали одиме на брзо решавање на проблемот со отворање на нова набавка и инсталирање на комплетно нов систем или ќе може ова да се поправи. До петок ќе ви кажам, изјави Таравари.
Бројот на операции е редуциран и помал од периодот кога работел централниот комресивен систем. Нема долгорочно решение а страдаат огромен број пациенти на кои им треба операција.
Новата компресорска станица чини половина милион евра а периодот за целосна имплементација е до крајот на декември ако не може да се поправи постоечкиот систем.