Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Комисијата за заразни болести препорача да се укинат сите антиковид-мерки

По одлуката на Светската здравствена организација (СЗО), која во петокот прогласи крај на пандемијата на коронавирусот, Комисијата за заразни болести денеска донесе одлука да достави препорака до Министерството за здравство, Владата и Кризниот штаб да бидат укинати сите задолжителни мерки за заштита од ковид-19.

Портпаролот на КЗБ, д-р Злате Мехмедовиќ, на денешната прес-конференција соопшти дека минатата недела е забележано рекордно најниско ниво на заразени во земјава – 66. Тој вели дека е разговарано и околу тоа како да се објавуваат извештаите за ковид-пациентите, односно дали тоа да биде на неделно ниво или да бидат вклучени во билтенот за сите заразни болести, што Институтот за јавно здравје го објавува месечно.

Вакцинацијата против коронавирусот сè уште останува како препорака.

– Тоа е една од методите што нѐ доведе до ситуација да направиме колективен имунитет, така што остануваме на таа препорака, додава тој.

Портпаролот на КЗБ соопшти и дека во последните извештаи во земјава нема починати од ковид-19, но на глобално ниво во текот на минатата недела на секои три минути макар еден пациент починал од ковид-19.

Тој потсети на актуелните мерки што сè уште важат, сè додека Владата на седница не ги укине: Задолжително носење маска во болници, јавен превоз, аптеки и во домовите за стари лица.

Би сакале како КЗБ да кажеме, односно да препорачаме, дека носењето маска во болница се покажа како позитивна мерка. Покажа колку може да се превенираат интрахоспиталните инфекции, болестите што се пренесуваат таму и од таа причина наша препорака е луѓето кои ќе посетуваат болници или ќе се најдат таму за каква било услуга, да продолжат да носат маска, особено оние кои спаѓаат во ризична група, појаснува д-р Мехмедовиќ.

Пред три години, на 30 јануари 2020 година, Комитетот за итни случаи на СЗО прогласи глобална вонредна состојба поради коронавирусот. Во меѓувреме, над 6,9 милиони лица починаа од последиците на коронавирусот.

Ваквиот статус помогна меѓународното внимание да се фокусира на здравствената закана, како и да се зајакне соработката за вакцини и третмани.

Укинувањето на вонредната состојба е знак за напредокот што светот го постигна во оваа област, но коронавирусот сè уште е присутен, соопшти во петокот СЗО.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!