
Комисијата за спречување дискриминација поради технички проблем ги „камуфлираше“ сопствените одлуки и ги направи понедостапни за јавноста
На сајтот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација денеска осамна „камуфлирана“ варијанта за пребарување на нивните одлуки преку кои јавноста беше запознавана за работата на ова тело. Досега одлуките за утврдена дискриминација беа објавувани на страницата на Комисијата според најновиот датум на нивното носење, односно беа подредени една под друга, почнувајќи од најновата до најстарата, а можеа да се пребаруваат и според годината на носење.
Препорачано
Но, ненадејно, со измени за кои првично Комисијата не ја информираше јавноста, одлуките стануваа не така лесни за наоѓање. На страницата на Комисијата е поставен нов дел за пребарување и пишува дека тој е „едноставен“, иако е очигледно многу посложен од досегашниот. Одлуките се наредени почнувајќи од најстарата донесена во 2016 година, па завршувајќи до најновиот предмет кој уште е во процедура и за кој нема донесено мислење.
Поставен е и пребарувач според кој корисниците кои што сакаат да најдат некоја одлука, треба да имаат поголеми познавања за неа, поточно да го знаат периодот на поднесувањето претставка. Во новиот пребарувач на Комисијата не е поставен критериум за пребарување според датумот на донесување на мислењето, што ги прави најновите нивни мислења „закопани“ во купот од 652 предмети.
Редакцијата на „Слободен печат“ испрати прашања до Комисијата за нивниот став, дали сметаат дека со новиот пребарувач се загрозува транспарентноста на институцијата и дека всушност се „камуфлираат“ одлуките и истите се прават понедостапни за јавноста на лесен начин, туку за да се дојде до нив потребно е да се вложи многу поголем труд, да се внесат точни податоци односно да се има одредено предзнаење за предметот. Прашавме и зошто има воведено пребарување со кое наместо како до сега, кога таксативно беа наведени одлуките, сега треба да се внесуваат многу параметри во пребарувачот односно мора да се таргетира конкретната одлука за која тој што пребарува треба да има многу информации.
Откако не добивме одговор, се јавивме на телефонскиот број на Комисијата од кадешто ни одговорија дека нашите прашања ќе бидат третирани „како барање за слободен пристап до информации од јавен карактер“ и ќе треба за одговори да почекаме 30 дена. Неофицијално, лицето со кое разговаравме рече дека воопшто не станува збор за тенденција на Комисијата нивните одлуки да се затскријат, туку дека станува збор за апдејтирање на страницата и нејзино подобрување, а за самиот пребарувач одговорна била компанија која го добила тендерот и изминатите недели работела на подобрување на страницата.
И писмено Комисијата бара новинарските прашања да бидат поставени на образец за слободен пристап до информации од јавен карактер.
„Согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, потребно е да го пополните образецот кој ви го испраќаме во прилог. Одговорот од наша страна ќе го добиете во најкус можен рок“, ни напишаа од Комисијата.
Со ова тие всушност, поставувија услов согласно кој дневното новинарство во земјава не би можело да функционира, особено кога прашањата што се поставени не бараат ниту доставување на документ, ниту барање за статистичка анализа која одзема подолго време или нешто слично.
По објавувањето на овој текст во неговата првична верзија, портпаролката на Комисијата телефонски ни рече дека оваа промена на страницата на Комисијата е привремена и дека се работи на отстранување на проблемот и без барање за слободен пристап до информации од јавен карактер дојдовме до причината за новиот начин на прикажување на мислењата на Комисијата.
-Станува збор за технички проблем околу анонимизацијата на личните податоци во мислењата од Комисијата. Бараме решение и промената е од петокот. Проблемот беше во тоа што црната лента која се појавува над личните податоци во пријавите (имињата на пример), можеше на некој начин да се отстрани и да се видат личните податоци. Сфативме дека најдобро решение е моментално да ги тргнеме одлуките и тоа го направивме од петокот. Не е до нас, туку станува збор за технички проблем и работиме на негово отстранување, изјави за „Слободен печат“ портпаролката на Комисијата.
Тендер за одржување на сајтот Комисијата склучила во март, а потоа следуваа промените во пребарувањето на нејзините одлуки
На страницата на Бирото за јавни набавки, може да се види дека Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во март 2025 година склучила договор за јавна набавка за одржување на својата веб-страница и на системот за управување со документи за период од една година. Со договорот се набавува превентивно одржување на веб-страницата и системот за документи, интервенции во случај на промени на законите кои ќе побараат промена на страницата, превентивно одржување на е-архивата како креирање на нови работни процеси.
Се бара и зголемување на ефективноста на софтверските решенија кое подразбира функционално подобрување и приспособување на нови или промена на постојни кориснички барања.
„Подобрувањето на софтверските решенија може да се побараат од договорниот орган или можат да бидат предложени од носителот на набавката. Подобрувањето на процесите спроведени преку софтверските решенија подразбираат дека носителот на набавката ќе му помогне на договорниот орган да ги подобри своите процеси за одржување на софтверските решенија во согласност со неговите деловни процеси и стратегија“, пишува во Договорот за склучена набавка. Инаку, вкупната вредност на договорот е до 459.350 денари.