
Комисијата за социјална политика даде поддршка за извештајот на МАПАС, законските измени за вработување на лица со аутизам одложени
Собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади денеска даде поддршка за Годишниот извештај за работењето на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) и финансиските извештаи за 2024 година.
Препорачано
Според извештајот, приходите на МАПАС во 2024 година пораснале за околу 15 отсто во споредба со 2023 година, достигнувајќи 116,4 милиони денари. Порастот се должи на зголемување на бројот на членови во вториот и третиот пензиски столб и на растот на просечната бруто плата, од чии уплати Агенцијата наплатува надомест од 0,7 проценти.
Во текот на минатата година, МАПАС испратила 4.271 писмени известувања до лица кои се времено распределени во задолжителен пензиски фонд, а вкупно 15.765 членови преминале од еден во друг пензиски фонд. Најмногу премини се регистрирани кон Триглав пензиско друштво АД Скопје – 9.468 члена, следат КБ Прв со 3.671 и Сава пензиски фонд со 2.626 членови.
На дневен ред беше и Предлог законот за измени на Законот за вработување на инвалидни лица, но расправата беше одложена бидејќи, како што беше образложено, „не се создадени услови за дискусија“. Со измените се предвидува лицата со аутистичен спектар на нарушување и други первазивни развојни растројства да бидат вклучени во категоријата лица со инвалидност, со цел да им се овозможи еднаков пристап до работни места.
Предлогот содржи и технички усогласувања: преименување на Министерството за труд и социјална политика во Министерство за социјална политика, демографија и млади, како и промени во називите на други институции – замената на министерот за информатичко општество и администрација со министер за дигитална трансформација и измена на називот на Агенцијата за вработување.