
„Комерсант“: Полска рафинерија нарачала три милиони тони руска нафта
Полската рафинерија за нафта „ПКН Орлен“ побара од руската компанија „Транснефт“ да испорача 3 милиони тони нафта преку системот на нафтоводот „Дружба“ во 2023 година, според сегашните долгорочни договори, објави рускиот весник „Комерсант“, повикувајќи се на свои извори. „Транснефт“ потврди за „Комерсант“ дека примиле барања од полски клиенти за следната година, но не прецизираа кој ги доставил и за колкава количина нафта станува збор.
Препорачано
ЕУ најави дека ќе воведе ембарго на руската нафта на 5 декември, но забраната официјално се однесува само на пратки по морски пат. Полска и Германија добиваат руска нафта преку нафтоводот „Дружба“, но најавија дека ќе го прекинат увозот до крајот на годинава.
„ПКН Орлен континуирано го диверзифицираше своето снабдување со нафта. Во моментов, 70 отсто од нафтата во сите рафинерии во Полска, Чешка и Литванија доаѓа од насоки кои се алтернатива на Русија“, изјави за Ројтерс прес-службата на ПКН Орлен како одговор на барањето за коментар.
„Компанијата во моментов има само долгорочни договори за испораки во Полска од тој правец (Русија)“, посочуваат од канцеларијата и додаваат дека целосно го суспендирале увозот на руска нафта по морски пат.
„ПКН Орлен“ склучи договори за снабдување со нафта со „Роснефт“ и „Татнефт“. Договорот со „Роснефт“ треба да истече на крајот на годината, а договорот со „Татнефт“ до декември 2023 година.
Според договорот, „Татнефт“ и испорачува на Полска околу 200.000 тони сурова нафта месечно. Двата договори беа потпишани пред февруари 2022 година.